Јагула на охридски начин – приготвена од градоначалникот Бакрачески во „Охридската софра“ и „Вкусот на традицијата“

Кај манастирот „Пресвета Богородица“ во охридското село Скребатно денеска се одржа традиционалната туристичко- промотивна манифестација „ Охридска софра 2014“, на која бројните посетители можеа да вкусат ѓомлезе, домашно сирење, мед,градинарски производи и вкусни традиционални охридски специјалитети приготвени од студентите на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

На манифестацијата која се одржува втора година по ред и која има за цел да се промовираат руралниот туризам и традиционалните јадења од охридскиот регион, во натпреварувачкиот дел учество зедоа 24 учесници а за највкусни, тричлената комисија ги избра ѓомлезињата приготвени од Гоце Дукадиноски кој беше награден со 10 000 денари, Ратка Крстаноска со 6 000 и Златица Размоска со 4000 денари.

На манифестацијата беше и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој од претпладневните часови ги посети учесниците на случувањето.

„Денес комисијата имаше навистина тешка задача ,од овие традиционално приготвени ѓомлезиња да го избере најдобро приготвеното. Претпоставувам дека комисијата кое ѓомлезе да го избереше за највкусно немаше да погреши, бидејќи навистина сите изгледаат добро а тоа се потврди и откако вкусивме дел од нив додека комисијата го реализираше оценувањето. Јас се надевам дека тие го направија вистинскиот избор. На сите учесници кои што денес со своите вредни раце ги презентираа своите вештини во приготвување на охридско ѓомлезе им благодарам за учеството во оваа манифестација и им посакувам уште многу години да ни приготвуваат ѓомлезиња , онака како што со години наназад ги приготвувале нивните предци, а на нас е оваа традиција на приготвување на традиционална охридска храна да ја пренесуваме од генерација во генерација бидејќи ова е нешто што претставува наше најголемо богатство, нешто од кое гостите и туристите се најзадоволни . Ние заедно со Факултетот за туризам и угостителство од Охрид во изминатата година и оваа година вршевме анкети помеѓу гостите и туристите кои доаѓаат во градов и на нивните прашалници за задоволство од престојот кај нас најголем дел од нив го покажаа задоволството од традиционалната охридска храна . Токму затоа охридската локална самоуправа вложува големи напори да организира вакви манифестации на кои ќе ја промовираме не само традиционалната охридска храна, туку и традиционалната македонска музика и секако ќе презентираме дел од останатата македонска традиција, култура и обичаи. Тоа претставува дел од нашата стратегија за туризмот, бидејќи она што овдека денес го гледате претставува вистинско богатство не само за мештаните и охриѓани туку и за сите оние кои барем еднаш го посетиле ова убаво место, Скребатно“, рече градоначалникот Бакрачески.

На задоволство на посетителите на годинешната “Охридска софра“ гостуваше емисијата “Вкусот на традицијата“ во чии рамки градоначалникот Никола Бакрачески заедно со Адријана Алачки приготви специјалитет карактеристичен за ова поднебје- јагула на охридски начин.

Инаку, Во забавниот дел на “Охридската софра“ двочасовен концерт со традиционална македонска музика одржа групата „Chalgia Sound System“ . Оваа година Општина Охрид ги откупи сите приготвени ѓомлезиња и сите се дадоа на црковниот одбор од манастирот “Пресвета Богородица“кој понатаму истите ќе ги продава, односно парите ќе одат за црквата. Тоа е како еден вид меѓусебна соработка за она што тие како црковен одбор излегоа во пресрет на организација на настанот. Организатори на оваа традиционална манифестација се општина Охрид со поддршка на Министерството за култура, како дел од проектот „Топол културен бран“ и бројни спонзори и помагатели.