Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска денес заедно со министерот за правда Аднан Јашари во име на Владата на РМ и амбасадорот на САД во РМ, г-динот Пол Волерс во име на Владата на САД, го потпишат Писмото за согласност за спроведување на законите меѓу владите на Република Македонија и на Соединетите американски држави, односно второто надополнување на овој Договор првпат потпишан во август 2012 година.
“Со посебно задоволство можам да истакнам дека изминативе години беа одбележани со прилично динамични и интензивни реформски зафати во македонската полиција и тоа без исклучок во сите сфери од нејзиното функционирање. Несомнено станува збор за еден процес кој во континуитет се надоградува и надополнува, чии постигнати резултати во голема мера се должат на нашето партнерство , постојаната стручна, техничка и друга помош што ја добиваме од нашите пријатели од САД.“ Ова, меѓу другото го истакна министерката Јанкулоска во својата изјава по повод потпишувањето на дополненијата на Писмото на согласност, потенцирајќи притоа дека со ова надополнување на нормативната рамка за соработка се овозможуваат измени на целите и активностите на програмите за правна помош на Владата на САД, а во согласност со сегашните потреби и околности во Република Македонија коишто се должат на пошироката динамика на правните реформи во насока на процесот и аспирациите на Македонија за членство во Европската унија.
Исто така Јанкулоска нагласи дека целта на проектите што ќе се реализираат во наредниот период е повеќе од императивна а тоа е: зајакнување на капацитетите на надлежните институции за спречување и справување со криминалот, особено на организираниот криминал и корупцијата.
“Од аспект на Министерството за внатрешни работи сакам да потенцирам дека натамошното развивање и надградбата на капацитетите на органите за спроведување на законите, со посебен фокус на подобрување на ефикасноста и квалитетот на кривичните постапки, развивање на капацитите на македонските институции надлежни за борба со криминалот, подобрување на системот и квалитетот на обука на службениците инволвирани во процесот на борба против криминалот, за нас претставува примарна цел кон која постојано се стремиме“, истакна министерката Јанкулоска.