Македонската култура преку проектите на националните установи до крајот на годинава ќе биде претставена во неколку светски центри. Покрај фестивалските гостувања, подготвени се и меѓународни презентации со кои Република Македонија ќе одбележи две децении од воспоставување дипломатски односи – со Австрија, Чешка и Јапонија …
Планираните активности денеска на прес-конференција ги најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, истакнувајќи дека меѓународното претставување на македонската култура е еден од приоритетите во културната политика.
„Во периодот што претстои атрактивни културни содржини од сите дејности на културата ќе бидат презентирани во неколку светски метрополи… Меѓународната соработка, презентацијата на македонската култура и афирмацијата на високите вредности на македонското културно наследство се врвни приоритети на Министерството за култура кои континуирано, секоја година, настојуваме да ги оствариме преку поддршката на низа активности и комплексни манифестации во странство. Република Македонија е земја која поседува непроценливо културно богатство и актуелно творештво и токму затоа, наша цел е постојано и видливо да бидеме присутни во европските културни центри, на сите светски настани од областа на културата, на реномираните манифестации и фестивали“, рече Канческа-Милевска.
Од 18-ти до 22 септември, по повод 20 години дипломатски односи со Австрија, Министерството ќе организира Денови на македонската култура во Виена, каде што ќе гостуваат Драмски театар-Скопје со претставата „Последните Македонци“ во театарот „Акцент“, Музејот на современа уметност со изложба „Bricolage – Made in Macedoniа“ на неколку современи ликовни творци во простор на Амбасадата на РМ во австриската престолнина и Балетот со претставата „14 часа“ во театарот „Одеон“. На прес-конференцијата присуствуваа и директорите на ДТС, МСУ и МОБ, Роберт Велјановски, Елиза Шулевска и Дејан Прошев, чии установи веќе имаат плакати на германски јазик за гостувањето во Виена.
Претставата „Последните Македонци“, покрај на 18 септември, ќе биде изведена и ден претходно за македонските иселеници, во црковната општина „Св. Наум Охридски“. Пред заминувањето во Виена, на ДТС му претстои гостување во Подгорица на 10 септември, на Интернационалниот фестивал на алтернативен театар, каде ќе учествува со „Хамлет“ во режија на Дејан Пројковски.
За 20 години од дипломатските односи со Чешка, таму е планирано гостување на Театарот за деца и млади, изложба на Националната галерија на Македонија и концерт на Јета Старова и Ермељ Мехмети.
Дваесетте години од дипломатските односи со Јапонија, пак, ќе бидат одбележани со целовечерен концерт во Токио на 9 ноември, на кој ќе настапат оперските солисти Славица Петровска-Галиќ, Ирена Кавкалевска, Ѓорги Џуцковски и Игор Дурловски, под диригентство на Борјан Цанев.
По минатогодишното успешно гостување во Џакарта, овој месец Македонската опера и балет ќе го посети и Бангкок каде ќе учествува на 16. Меѓународен фестивал на музика и игра, кој се организира во чест на тајландскиот крал. На 13-ти и 15 септември МОБ ќе гостува со „Дон Џовани“ и „Боеми“, копродукција со италијанскиот театар „Лирико“.
Македонската филхармонија по повод 70 години од своето постоење на 6 октомври ќе настапи во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб и ќе го отвори циклусот „Свет на музиката“, во кој гостуваат реномирани симфониски оркестри. Солист ќе биде светски познатиот виолончелист од Германија Даниел Милер Шот.
Директорката на Филхармонијата Маја Чанаќевиќ рече дека се почестени што ќе ја отворат концертната програма „Свет на музиката“ и дека ќе настапат со исклучително тешка и внимателно избрана програма.
– Особено е значаен настапот во Загреб, каде последен пат Филхармонијата гостуваше во 2000 година. Четиринаесет години е долг период. Колегите од Хрватска нетрпеливо не очекуваат, нашиот оркестар е добредојден, рече Чанаќевиќ.
До крајот на годинава ќе има уште неколку гостувања: Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп на фестивалот „Експонто“ во Словенија, Битолскиот театар во Пекинг со третиот дел на „Хенри Шести“ (возвратно во Кина по минатогодишното гостување на Националниот театар од Пекинг на првиот „Шекспиров фестивал“ во Битола), театарот „Комедија“ во ноември во канадскиот град Мисисога, а Македонскиот народен театар во Хрватска.
Покрај сценско-музичката дејност, Македонија ќе го претстави и богатото книжевно творештво на големите светски саеми на книгата во Франкфурт, Гетеборг и Истанбул.
Министерката Канческа-Милевска потсети и на настани во првата половина на 2014: изложбата на старите словенски ракописи во Ватиканските музеи и настапот на Македонскиот балет со „14 часа“ во римскиот театар „Куирино“ за 20-годишнината од дипломатските односи со Светата столица, гостување на „Танец“ во Рига и наградите што од естонскиот главен град ги донесе женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ од Светската хорска олимпијада, концертот на Благој Нацоски во Џенова, забележителните гостувања на Турскиот и на Албанскиот театар во Турција, турнејата на „Танец“ низ Хрватска, како и големиот број претставувања на македонски уметници во културните центри на РМ во Њујорк и Софија.