Борис Трајанов одликуван со титулата „национален уметник на Република Македонија“

Оперскиот пејач Борис Трајанов денеска во присуство на личности од политичкиот и општествениот живот, меѓу кои и неговата професорка, 91-годишната Бисерка Цвејиќ, во чија класа магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Белград, ја прими титулата „национален уметник на Република Македонија“. Титулата национален уметник на Трајанов, кој е четврти носител на ова престижно признание, му ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

„Борис Трајанов со својот глас на најпрестижните светски оперски сцени ја претставува Република Македонија во најдобро светло и посведочува за нашата култура, уметност и духовност. Со овој чин ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и трајните културни уметности. Културата и уметноста се стожерот на секоја нација и оттука треба постојано да ги унапредуваме условите за нивен развој“ – истакна, при врачувањето на титулата, претседателот Иванов. Тој потсети дека Трајанов, покрај богатата музичка кариера, беше и иницијатор на акцијата „Денот на дрвото“ истакнувајќи притоа дека со својот личен пример го мотивирал целото македонско општество.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во своето обраќање истакна дека со доделувањето на највисокото признание од областа на културата во нашата држава, трајно го вреднуваме влогот на уште еден македонски уметник кој даде исклучителен придонес во афирмацијата на Република Македонија и нејзината музичка култура во светот.

„Денеска ја доделуваме четвртата по ред титула национален уметник на маестро Борис Трајанов,25_nacionalen_umetnik_2014_640 кој со своите многубројни изведби и креации, со својот талент и умешност, создаде вредности кои се наш печат за идентификација во светот. Оваа титула е признание за неговите уметнички достигнувања во промоцијата на културата на Република Македонија која, несомнено, е земја на врвни уметници кои го слават името на сопствената држава низ сите светски културни метрополи“ – рече Канческа-Милевска. Таа додаде дека со ова признание ја потврдуваме и нашата зрелост како нација која се грижи за своите уметници и ги вреднува нивните достигнувања.

„Уверена сум дека оваа титула, која е валоризација на убавината што ја создаваат македонските уметници, ќе биде силен поттик за сите нив, да продолжат да го развиваат сопствениот потенцијал, да создаваат врвни вредности и со своите успеси да го градат достоинството на македонската култура “- рече министерката за култура.

Борис Трајанов има репутација на светски уметник со импозантна кариера која трае речиси 30 години. Во неговата биографија се запишани повеќе од 40 водечки баритонски улоги, 900 настапи, од кои 700 оперски претстави и гостувања на речиси сите еминентни оперски сцени, во Римската опера, престижниот Ла Фениче во Венеција, во Операта во Грац, во Монте Карло, во операта Пацифик во САД, во Кејп Таун, Јужна Африка, во Сеулскиот изведувачки центар во Јужна Кореја и во уште многу театри кои ги освои со својот раскошен глас и темперамент. Тој е добитник и на повеќе други признанија кои го потврдуваат како уметник со светско реноме, но и како голем хуманист и поборник за здрава иднина. Добитник е на наградата Уметник на мирот на УНЕСКО и наградата „11 Октомври“ за животно дело.

„Кога ја добив наградата на УНЕСКО за мир во Париз 2005 година, во мојот говор посочив дека наградата му ја посветувам на мојот народ, односно на сите граѓани на Република Македонија. Сега тој народ, граѓаните на Република Македонија, мене ми ја вратија таа награда и ми ја доделија титулата национален уметник. Тоа за мене е голема чест“ – рече пред присутните Трајанов. Тој истакна дека наградата на УНЕСКО е престижна меѓународна награда, но оти титулата национален уметник на Република Македонија е повредна за него оти, како што рече, му ја доделува сопствениот народ, луѓето на кои им припаѓа.

28_flat_nacionalen_umetnik_2014_640