Тројца охриѓани дел од проектот „Концерт на 100 млади“

Претставници од Општина Охрид и од Основното Музичко Училиште „Методи Патче“ денеска на прес конференција укажаа на извонредниот успех и промоција на резултатите од европски партнерски музички проект „Концерт на 100 млади” што општина Охрид го реализира во соработка со своите партнери од различни европски држави. Во овој европски проект беа вклучени и тројца ученици од ОМУ “Методи Патче“.

Главната цел на проектот „Концерт на 100 млади“ беше афирмација на интер културниот дијалог и соработка, промовирање на мирот и европската иднина. Проектот 100 млади музичари стана симбол на заедничка европска соработка на млади од различни држави и е доказ дека нашата иднина и интеграција се возможни преку универзалниот јазик на културата и музиката.

Овој едукативен музички проект со висок уметнички квалитет е од посебно значење за европската музичка сцена. Младите музичари кои беа дел од оркестарот одлично ги изведуваа класични дела, филмската музика, танго и рок музиката, рече Тони Балевски,координаторот на проектот „Концерт на 100 млади“.

Директорката на ОМУ “Методи Патче“, Нина Момироска укажа на успесите на тројца ученици од охридското музичко училиште кои беа дел од европскиот музички камп односно беа вклучени во проектот “Концерт на 100 млади“. Нивните настапи во Белград и Нови Сад- Србија, на крајот од месец август ја воодушевиле и публиката и организаторите.

На концертите во соседна Србија учество зедоа и нашите млади музички таленти Даниел Мојсоски кој настапуваше како солист, Александар Грунчески и Бајрам Рамаданоски, тројцата свиреа на виолина. Нашите охриѓанчиња иако беа најмладите членови во оркестарот од околу 100 деца ја воодушевија публиката и организаторите на европскиот музички камп а кои се еминентни професори по музика од Србија, Словенија Австрија и Италија. Организаторите ги поканија нашите тројца млади музичари во рамки на ист ваков музички камп со истиот концерт на 8-ми и 9-ти ноември да гостуваат во Љубљана и Блед во Словенија“, истакна Момироска.

Проектот „Концерт на 100 млади“ го промовираше Италијанската Асоцијација за култура, и во него учествуваа , музичките школи поврзани со Конзерваториумот „Џузепе Верди” од Милано и музичката школа “Дел Гарда” од Италија, музичката школа од Сент Гилген од Австрија, Музичката школа “Јосип Славенски” од Белград, Србија, Музичката школа “До Ре Ми” од Блед, Словенија и музичката школа “Методи Патче” од Охрид, Македонија.

Проектот “Концерт на 100 млади“ ќе се реализира и во 2015-та година.