Откажување на бубрезите по операција – Тема на третото собрание на здружението за кардиоваскуларна хирургија на Р. Македонија

Бубрежно затајување може да се случи секому, посебно по тешка операција, дури и на оние пациенти кои претходно немале никаков проблем со бубрезите. Кои се причините, подобра превентива, нови начини на лекување и како да се спречи да прерасне во хроничен проблем, се теми на кои светската медицинска јавност забрзано истражува. Што е ново во светот, што се применува во Македонија и што може да се направи – на оваа тема врвни лекари од Македонија и странство во вторник (23.09.2014год) ќе дебатираат во рамки на собранието на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија кое ќе се одржи во Хотел Александар Палас.

Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија во соработка со ИНТЕРКОМ ДОО Скопје, ќе го одржи третото собрание на ден 23.09.2014 година (вторник) во Хотел Александар Палас – Скопје со почеток во 10.00 часот.

Темата на овогодинешниот собир е„Акутна Бубрежна Инсуфициенција на Одделите за Интензивно Лекување“.

Целта на овој собир е да се презентираат последните новини и можности во лекувањето на акутното бубрежно затајување, како и можностите за превенција на прогресијата кон хронично бубрежно затајување и дијализен програм.

Оваа проблематика ќе биде разгледувана од страна на реномирани домашни и интернационални експерти како што е др Каи Херенски – медински директор на истражувачката програма и медицински директор на Гамбро болницата во Минхен, реномирани предавачи од Клиниката за Нефрологија и КАРИЛ при Медицинскиот Факултет Скопје, претставници од здружението Нефрон, како и предавачи од здружението за кардиоваскуларни заболувања. Дискусијата ќе се води не само од стручно-медицински аспект туку и од социоекономски.