Завршија Деновите на македонската култура во Австрија

Со силен аплауз беше поздравена изведбата на современата балетска претстава „14 часа“ синоќа во преполната сала на театарот „Одеон“ во Виена, на затворањето на манифестацијата „Денови на македонската култура во Австрија“.

Многубројните присутни, меѓу кои и голем број претставници на дипломатскиот кор и на меѓународните организации кои имаат свои седишта во Виена, како и претставници на македонската заедница, со овации го поздравија настапот на првениците и солистите на Македонската опера и балет. Како особено успешни беа оценети уметничките креации на примабалерината Александра Мијалкова и првенецот Васил Чичијашвили, како и солистите Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Дафина Данилоска-Кочевска, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Кисилев, Агим Бафтии и Гиорги Беридзе.

Режисер на современото балетско дело „14 часа“, кое во изминатиот период успешно беше прикажано и во Рим, во рамките на манифестацијата „Денови на свети Кирил“, е Наташа Поплавска, музиката ја напиша Кирил Џајковски, кореографијата и сценографското идејно решение се на Игор Киров, а костимите се дело на Александар Ношпал.

Пред присутните, пред почетокот на изведбата на претставата, се обрати амбасадорот и постојан претставник на Постојаната мисија на РМ при Меѓународните организации во Виена, д-р Кире Илиоски, кој се осврна на партнерството меѓу Австрија и Македонија во рамките на мултилатералните организации, како и за извонредното значење од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји пред дваесет години. Илиоски ја нагласи и важноста на претставувањето на македонскиот балет во австриската престолина, Виена, срцето на европската култура.

По повод одбележувањето на 20 години дипломатски односи меѓу Македонија и Австрија, во изминатите неколку денови, со поддршка на Министерството за култура, во австриската престолнина беа организирани „Денови на македонската култура“. Освен настапот на првенците на Македонската опера и балет, македонската современа уметност беше презентирана и преку изложбата „Мејд ин Маседониа-Бриколаж“ на Музејот на современата уметност, која беше поставена во Амбасадата на Македонија во Виена, додека Драмскиот театар во реномираниот театар „Акцент“ со особен успех ја изведе претставата „2012-Последните Македонци“.