Претставници на Министерството за одбрана, деновиве учествуваат во мултинационалната вежба СЕЕСИМ- 14 која како дел од процесот за одбранбена соработка во Југоисточна Европа – СЕДМ, се одвива во неколку земји во регионот.
Учесниците на вежбата активностите ги базираат врз основа сценарио во кое земјите од Југоисточна Европа се цел на сајбер напади, пропратени со биолошки и хемиски напади и природна катастрофа. Овие настани, согласно сценариото, поттикнуваат соработка помеѓу цивилните, воените и политичките структури со цел ефикасен одговор на катастрофите кои предизвикуваат големиот број човечки жртви и материјални штети.
Вежбата СЕЕСИМ-14 има за цел промоција на националните и регионалните подготовки, како и соработката помеѓу цивилните и воените власти при планирањето на институционалниот одговор на катастрофи и напади од големи размери. Координатор на вежбата е Република Хрватска, додека учесници се претставниците на Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и бригадата на Југоисточна Европа, сместени во рамките на своите држави.
СЕЕСИМ претставува симулациска мрежа на земјите од Југоисточна Европа, наменета за подобрување на националната и регионалната интероперабилност, координација и соработка. Како дел од проектот СЕДМ, СЕЕСИМ е механизам за организација на симулации преку кои се развива цивилно-воената соработка во справувањето со катастрофи предизвикани од човекот или природата.