Билатерални средби на маргините на 69-то Генерално Собрание на Обединети Нации

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на маргините на 69-то Генерално собрание на Обединетите нации оствари средба со претседателот на Република Полска, Н.Е. г. Бронислав Коморовски. Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји се пријателски, без отворени прашања, и со плодна соработка во сите сфери од заеднички интерес. Претседателот Иванов го реафирмираше интересот за развој и унапредување на економската соработка во контекст на зголемени контакти на бизнис заедниците и граѓаните на двете земји, како и за интензивирање на соработка во областа на образованието и културата. Претседателот Иванов искажа задоволство од континуираниот политички дијалог, и воедно изрази благодарност за отворената поддршка од Полска во однос на нашиот евроатлански пат, додавајќи дека очекува истата да продолжи и во иднина. Македонскиот претседател апелираше за почетокот на преговорите со Македонија да биде на дневен ред на декемвриските состаноци на Советот на ЕУ со цел да се донесе одамна заслужената и долгоочекувана одлука за нашата држава.

Во контекст на НАТО, РМ бара почитување на меѓународното право, меѓународните договори и пресудата на МСП, и во таа насока очекува поддршка од Полска. Ширењето на зоната на слобода и стабилност во регионот на Балканот, особено денес, кога сите земји се соочуваат со сериозни закани и предизвици, е придобивка и за Алијансата и за нашиот регион нагласи Иванов, додавајќи дека во контекст на ЕУ, очекуваме и во нашиот случај да се применат позитивните примери од регионот, на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните прашања. Претседателот Коморовски истакна дека Македонија може во Полска да гледа како на земја партнер и поддржувач во однос на нашите севкупни евро-атлантски интегративни процеси, дополнувајќи дека процесот на проширување на ЕУ и НАТО мора да продолжи со државите од западен балкан. Претседателот Иванов упати честитки за изборот на полскиот премиер, Доналд Туск за Претседател на Европскиот Совет. Двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните случувања во Украина. Претседателот Иванов истакна дека Македонија се залага за деескалација на тензиите, и ги поддржува сите напори за мирно решавање на кризата.

Средба со претседателот на Латвија, Андрис Берзин – Поддршка за РМ за време на латвиското претседавање со ЕУ.

Spanija

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на маргините на 69-то Генерално собрание на Обединетите нации оствари средба со претседателот на Латвија, Н.Е. г, Андрис Берзин. На средбата, двајцата претседатели разговараа за продлабочување и унапредување на билатералните и економските односи, како и за европските и евроатланските интеграции на Македонија. Претседателот Иванов изрази задоволство од достигнатото ниво на односите меѓу двете земји, во контекст на политичката соработка кое се традиционално добри и пријателски. Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка и помош која Република Латвија ја дава за нашето интегрирање во евро-атланските структури, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина, особено кога Латвија ќе го превземе претседавањето со ЕУ од јануари 2015. Во тој контекст македонскиот претседател истакна дека Република Македонија предолго го чека заслуженото членство во Алијансата, како и следната фаза во интеграцијата во ЕУ. РМ бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски, и во таа насока очекува поддршка од Латвија и од земјите – членки на ЕУ, кои воедно се и членки на НАТО, дополнувајќи дека е потребно и во нашиот случај да се применат позитивните примери од регионот, на паралелно движење на преговорите. Претседателот Берзин нагласи дека проширувањето ќе биде високо на агендата на латвиското претседателство, и дека дава целосна поддршка по однос на евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

SpanijaСредба со шпанскиот крал Фелипе VI – Иванов го покани шпанскиот крал да ја посети Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на маргините на 69-то Генерално собрание на Обединетите нации оствари неформална средба Н.В. Кралот Фелипе VI. На средбата беше изразено задоволство од позитивниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија. Претседателот Иванов истакна дека во наредниот период потребно е зголемување на политичкиот дијалог и размена на посети на сите нивоа. Во тој контекст македонскиот претседател додаде дека отворањето на македонската амбасада во Мадрид и шпанската амбасада во Скопје е добар чекор за зголемување на политичките односи, и воедно упати отворена покана до кралот Фелипе VI за посета на Македонија. Претседателот Иванов изрази подготвеност за искористување на сите можности за натамошно продлабочување на односите во сфери од заеднички интерес, со посебен акцент на можностите за развој на економската и соработката во културата. Воедно македонскиот претседател додаде дека Република Македонија е дел и придонесува со свој влог во Алијансата на Цивилизациите, каде основачи се Шпанија и Турција.

Средба со јапонскиот премиер Шинзо Абе – Надеж дека Јапонија наскоро ќе отвори амбасада во Македонија.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на маргините на 69-то Генерално собрание на Обединетите нации оствари неформална средба со јапонскиот премиер Шинзо Абе. Претседателот Иванов и премиерот Абе изразија задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји кои оваа година ја бележат својата 20 годишнина, особено од нагорниот тренд во политичкиот дијалог. Во тој контекст претседателот Иванов изрази надеж дека Јапонија наскоро ќе отвори своја амбасада во Скопје, со што севкупната соработка меѓу двете земји би се зголемила и продлабочила. Двајцата соговорници констатираа дека односите ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање, но и дека постои огромен неискористен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, а особено во економската сфера. Во оваа прилика, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната техничка-економска соработка и за бројните донации и реализирани проекти, и изрази подготвеност за реализација на нови проекти.

Прва средба со новоизбраниот претседател на Република Словачка, Андреј Киска – Словачка ја поддржува евроатлантската интеграција на Македонија.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на маргините на 69-то Генерално собрание на Обединетите нации оствари средба со претседателот на Словачката Република, Н.Е. г. Андреј Киска. На средбата беа потврдени добрите билатералните односи и континуираниот политички дијалог помеѓу Република Македонија и Словачката Република, засновани на долги традиционални врски на пријателство и меѓусебно разбирање. Соговорниците констатираа дека меѓусебната билатерална соработка континуирано се продлабочува, но дека истовремено постои голем неискористен потенцијал за поинтензивна соработка во голем број области од заемен интерес, а особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата и туризмот. Претседателот Иванов го информираше соговорникот за состојбата со реализацијата на нашите стратешки цели,членството во ЕУ и НАТО, како и за процесот кој се води во рамките на ОН за надминување на билатералната разлика со Грција. Претседателот Киска истакна дека Словачка како и досега ќе продолжи со поддршката на стратешките цели на РМ, нагласувајќи дека ги подржуваат позитивните примери на паралелно движење во интеграцијата во ЕУ и надминувањето на билатералните проблеми во ЗБ. На средбата која беше прва со новоизбраниот словачки претседател, беа разменети мислења и информации за состојбите во регионот на Балканот, а претседателот Иванов упати отворена покана кон својот колега за реализација на официјална посета на Македонија.

Прва средба на македонски и египетски претседател во 20 години дипломатски односи.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на маргините на 69-то генерално Собрание на Обединетите Нации се сретна со претседателот на Арапската Република Египет, Абдел Фатах ел-Сиси, прва средба на ниво на претседатели во 20-годишните дипломатски односи. Двајцата претседатели изразија подготвеност за натамошното зајакнување на севкупните односи меѓу Република Македонија и Арапската Република Египет. Како прв чекор во таа насока, беше договорено во наредниот период да се зајакнат политичките контакти на сите нивоа. Претседателот Иванов ја прифати поканата за негова посета на Египет. Како приоритетни сфери на кои треба да биде ставен акцентот беа посочени, соработката во економската сфера, зголемување вкупниот обем на трговската размена, соработката во сферата на културата и образованието, и унапредување на договорната сфера меѓу двете земји. Претседателот Иванов и претседателот ел-Сиси разменија мислења за случувањата во регионот на ЈИЕ и на Блискиот Исток. Двајцата претседатели изразија подготвеност за соработка меѓу Република Македонија и Арапската Република Египет и на мултилатерален план.

sisi1