Ставрески: Со Буџетот за 2015 повеќе работни места и работа за фирмите

Со предложениот Буџет за наредната година, продолжува поддршката на стопанството и на стандардот на граѓаните преку одвоениот значителен износ за капитални инвестиции и преку зголемувањето на платите, пензиите и социјалните надоместоци.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го Предлог-буџетот на Република Македонија за 2015 година пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, а воедно додаде дека истовремено продолжува рестриктивната буџетска политика.

Според предлогот, приходите се проектирани на 163.280 милијарди денари, расходите на 181.777 милијарди денари и буџетскиот дефицит е 3,5 проценти од БДП, кој според министерот е разумно ниво имајќи ги предвид бројот и големината на проектите што ќе се финансираат и економскиот раст што ќе го овозможи тоа.

„Приходите се проектирани врз база на ниско ниво на даночни стапки во земјата, што е важно бидејќи со тоа даваме директна поддршка на стопанството и правиме Македонија да остане интересна за странските инвеститори“, истакна Ставрески.

Тој додаде дека со најголемо учество на приходната страна се даночните приходи проектирани на 88.955 милијарди денари, при што најголемо е учеството од ДДВ. Социјалните придонеси во 2015 година се предвидени на 48.717 милијарди денари.

Според министерот Ставрески, развојната компонента на буџетот се капиталните инвестиции и тие се насочени кон инвестирање во јавната инфраструктура и ќе значат силна поддршка на стопанството, работа на претпријатијата и на работниците.

– Оваа политика во изминатиот период даде добри резултати. Градежништвото остварува двоцифрени стапки на раст. Ја повлекува и индустријата, односно голем број мали и средни претпријатија кои се вклучени во работните ангажмани на градежните фирми и на тој начин целосно се повлекува растот на македонската економија, истакна Ставрески.

За капитални инвестиции предвидени се 21.209 милијарди денари, а дополнително на овој износ во предложениот Буџет за капитални инвестиции исто така значаен износ е предвиден во програмите на Јавното претпријатие за патишта преку кое се реализираат автопатите Миладиновци – Штип и Охрид – Кичево, како и програмите на претпријатијата во државна сопственост од енергетската област кои просечно изнесуваат 100 милиони евра годишно.

„Ако сето ова се земе предвид, тоа е еден голем инвестициски циклус кој значи поддршка на економијата“, потенцира министерот за финансии.

Во Буџетот се предвидени 3,4 милијарди денари за автопатот од Демир Капија до Смоквица. Дополнително со средства од Светска банка во износ од 150 милиони евра ќе се финансираат повеќе регионални патни правци.

„За железничката инфраструктура се предвидени 1.311 милијарда денари, од кои најголем дел за привршување на реконструкцијата на Коридорот 10 каде се врши ремонт на повеќе делници и со тоа се подобрува безбедноста на сообраќајот и протокот на патниците. Во 2015 година преку МЖ-Инфраструктура ќе продолжи изградбата на пругата кон Бугарија, а ќе се реализира и проектот за набавка на локомотиви и вагони“, рече вицепремиерот Ставрески.

Поддршка од 2.015 милијарди денари е обезбедена и за комуналната инфраструктура, односно за изградба на националниот гасоводен систем, изградба на водоводи и канализациски системи. За водоснабдување и системи за одведување отпадни води има 49 милиони евра. Ќе се реализира проект за подобрување на општинските услуги со 10 милиони евра.

Повеќе средства се предвидени за изградба на ТИРЗ, бидејќи, како што рече Ставрески, во завршна фаза се објавување одлуки на повеќе странски инвеститори за да инвестираат и од тие причини Владата издвојува значителен износ за завршување на зоните за да може инвеститорите да ги реализираат инвестициите.

Во здравството се предвидени 1.5 милијарда денари наменети за изградба на јавни здравствени установи, кои се дел од Буџетот, а дел од Банката при Советот на Европа. За образованието, детската заштита и спортот 2.204 милијарди денари наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на градинки, училишни и спортски сали, домови, универзитети, лабораториска опрема и спортска инфраструктура. Во земјоделството предвидени се 2.013 милијарди денари за хидросистеми и подобрување на конкурентноста на македонското земјоделство со цел да се зајакне и да се овозможи поголем извоз.

Со буџетски и кредитни средства од 145 милиони денари ќе се почне со повеќенаменскиот проект Злетовица. За правосудство и проектот за казнено-поправни установи има 335 милиони денари, а во рамки на реформите за заштита на имотно-правните односи во 2015 година ќе заврши проектот за катастар на недвижности.

Како што појасни Ставрески, на расходната страна за тековни расходи се планирани четири проценти повеќе средства во однос на претходната година поради предвиденото зголемување на пензиите, платите, социјалните надоместоци и здравствените услуги.

„Кај тековните расходи ќе дојде до зголемување на платите од четири проценти, што ќе се реализира со октомвриската плата за сите буџетски корисници. За социјалните трансфери, која е втора крупна категорија во Буџетот, планирани се 82.660 милијарди денари, кои го опфаќаат и предвиденото зголемување на пензиите за пет проценти за 301.660 корисници кои ќе го добијат зголемувањето. Исто така, предвидени се средства за зголемување од пет проценти за правата од социјална заштита со јунската исплата во 2015 година“, рече министерот Ставрески.

Тој додаде дека за здравствена заштита се предвидени 23.513 милијарди денари, што е зголемување од 1.300 милијарда денари во однос на оваа година во здравствениот систем за плаќање на здравствените услуги, со цел унапредување на здравјето на населението.

„Во 2015 година во делот на останати стоки и услуги ќе продолжиме со рестриктивна буџетска политика“, истакна министерот Ставрески.

Тој потенцира дека и натаму е предвиден висок износ за земјоделството при што значителен износ се издвојува за капитални проекти во рурален развој.

Растот за следната година е проектиран на четири проценти, што според министерот Ставрески е реален, а, како што рече, може да биде и ревидиран во текот на годината доколку во европската економија има стабилизирање. Инфлацијата ќе остане на ниско ниво до 2 процента.

Извор: МИА