Познати деталите за пешачката патека од пристаниште до Канео

Пешачка патека од градското пристаниште до населбата Канео со сигурност ќе се гради во Охрид. Министерството за транспорт и врски има обврска во наредниве неколку месеци да објави оглас за изработка на идејно решение и за тоа како би требала да изгледа оваа пешачка патека и во кој дел од градот би требало да поминува, објасни градоначалникот Никола Бакрачески по неодамнешната работна средба со претставници од Министерствата за транспорт и врски и одбрана, како и со претставници од Капетанијата.

„Веднаш после тоа ќе се изработи главен проект и ќе се обезбеди финансиска конструкција за изработка на овој проект кој што ние сме го ветиле на граѓаните на Охрид а за кој што најголем дел од нив се изјасниле дека ваквата пешачка патека е нужна потреба за Охрид“, рече градоначалникот Бакрачески.

Судбината на актуелниот мост на желбите зависи од идејното решение за пешачката патека  што ќе го изработи Компанијата која што  по распишаниот оглас од страна на Министерството за транспорт и врски ќе го добие тендерот за изработка на идејно решение и на основниот проект.

„Во зависност од проектот ќе ја знаеме дефинитивната судбина на мостот на желбите. Јас уште еднаш ќе истакнам и ќе бидам искрен до јавноста за да нема заблуди, мостот на желбите е изграден без основен проект  и за него пред да се почне со градба    не се изјасниле експерти во делот на архитектурата и градежништвото ниту дале свое мислење или изработиле основен проект врз  кој што може да биде изграден. Според она какви беа размислувањата на луѓето кои што се занимаваат со оваа тематика, овој мост е потполно небезбеден за  пешаците кои што минуваат по него. Ние во овој период се надеваме дека ќе успееме во соработка со стручни лица да извршиме некои корекции во насока на подобрување на безбедноста на овој мост се до конечна реализација на проектот за комплетна пешачка патека од пристаниште до Канео. Навистина во овој момент не можам да претпоставам дали мостот на желбите  ќе биде претходно отстранет , дали ќе се искористи дел од градбата. Навистина ние не можеме да си дозволиме да ја доведеме безбедноста на нашите граѓани во прашање“, потенцира Бакрачески .  

 Се очекува за од прилика една година  или година и неколку месеци   да започне градбата на пешачката  патека и да заврши до крајот на 2016 година.