Македонската литература на Саемот на книгата во Франкфурт

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција, најавувајќи го претстојното учество на Саемот на книгата во Франкфурт, истакна дека Република Македонија е меѓу ретките земји во светот која посветува исклучително внимание на издаваштвото.

„Министерството за култура, со поддршка на Владата на РМ, во изминатиот период реализираше низа капитални проекти кои го унапредија книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во нашата држава. Исто така, редовно, преку годишните програми, издвојуваме големи средства за проектите на приватните издавачки куќи и од 2008 година досега се издадени над 4.000 книги и изданија на македонски јазик и на јазиците на заедниците кои егзистираат во нашата држава, а се откупени над 40 илјади публикации со кои континуирано се збогатува библиотечниот фонд на институциите низ државава“, посочи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Република Македонија на Саемот во Франкфурт ќе понуди публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на 18 македонски автори, меѓу кои: Митко Маџунков, Никола Маџиров, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Луан Старова, Лилјана Дирјан и др. Публикациите ќе бидат изложени на специјално дизајниран штанд каде што ќе бидат промовирани и капиталните проекти на Владата и на Министерството за култура, а ќе биде афирмиран и Конкурсот за превод на дела на македонски автори од издавачки куќи од странство. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат и со македонското културно наследство.

Канческа-Милевска потсети дека пред една недела македонското книжевно творештво за прв пат беше претставено во Гетеборг на најголемиот Саем на книгата во Скандинавија и додаде дека по Саемот во Франкфурт, претстои и учество на Саемот во Истанбул, од 8 до 16 ноември 2014 година, каде што комесар на РМ ќе биде Сојузот на албанските издавачи.

Претседателот на ЗИКМ, Горјан Лазаревски, пак, е задоволен што по неколку години пауза, повторно Здружението ќе ја има улогата на комесар во Франкфурт – на најатрактивниот и најголем саем на книгата во светот. Тој очекува успешно претставување и контакти на македонски издавачи со странски агенти и најави дека централниот настан на македонскиот штанд ќе биде на 11 октомври во 11 часот, на кој ќе учествуваат писателите Луан Старова, Никола Маџиров и Лидија Димковска, со музички перформанс на Зоран Маџиров.

Концептот на претставувањето првпат е осмислен од универзитетски професори по литература – Соња Стојменска-Елзесер, Весна Мојсова-Чепишева и Елизабета Шелева. Осумнаесетте автори се распоредени по шест во три сегменти, секој со различна тема и поврзан со познати мотиви од културното наследство.

Како што појасни проф. д-р Стојменска-Елзесер, на концептот работеле два месеца. Селектирале наслови објавени во последната декада и притоа начелни критериуми биле: квалитетот на делата, жанровската разновидност, автори од различни генерации и атрактивност за европскиот книжевен пазар.

Првиот сегмент е насловен „Пишување (надвор од) дома“ и опфаќа автори и дела кои тематизираат дом и (не)вдоменост, а симболично е ислустриран со „Охридска куќа“. Вториот сегмент „Умешностите на занаетот“ содржи мајсторски книжевни остварувања симболично поврзани со познатата Филигранска пеперутка, а третиот сегмент „Отклучување на интимата“ опфаќа дела и автори кои се занимаваат со емоционален, еротичен, исповедно-реалистичен дискурс и е стилизиран со илустрација на Големата мајка.

Frankfurt__7_640