Свечена академија по повод одбележувањето на Денот на Востанието на македонскиот народ

По повод одбележувањето на 11 октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, денеска во големата сала на Општина Охрид се одржа Свечена академија. На почетокот на свеченоста , градоначалникот Никола Бакрачески на присутните им го честита големиот празник, нагласувајќи дека Денот на востанието на македонскиот народ е и празник на македонскиот слободарски дух и непокор.

„Денес, 73 години по започнувањето на четиригодишната народно-ослободителна епопеја на македонскиот народ во Втората светска војна, живееме во слободна и независна држава, што е остварување на многувековниот сон на македонецот. 11 октомври, не преставува само придружување на македонскиот народ на светската антифашистичка коалиција, туку истовремено, неговата големина е во спојување на временскиот континуитет на вековниот сремеж на македонецот за опстојување на својата територија и приклучување на својот народ и својата држава кон големото светско семејство на народите. Затоа и денес 73 години потоа, 11 Октомври останува патоказ за тоа како треба да се сочува и брани нашата самостојност и независност – со храбри одлуки, етички исправни и цивилизациски соодветни на времето во кое живееме. Охрид одсекогаш бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација. Во својот повеќе децениски слободарскиот од, градот доживува континуиран национален, социјален и културен развој кои го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ и воопшто на сесловенскиот свет. И покрај сите специфики на времето во кое живееме, сложеноста на состојбите во кои се наоѓаме, градот успева да ја сочува својата одлика-да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и култура“– рече во обраќањето градоначалникот Никола Бакрачески.

11_oktomvri_akademija_400

Во името на Општинската организација на Сојузот на борците од Народносолободителната антифашистичка војна и нејзините поддржувачи, претседателот Гоце Георгиевски, меѓу другото рече дека „чествувањето на сите значајни датуми од нашата подалечна и понова историја, традицијата да се собираме на тие денови и настани заедно да ги одбележуваме и прославуваме Илинден 1903 и 1944, 11 октомври, 8 септември и другите значајни настани од историјата, е исклучително потребно. Пред се што тие се темелот на нашиот континуитет. Од нив ги црпиме поуките, прашањата и одговорите што ни ги поставува актуелниот момент“.

Во културно уметничкиот дел настапија пијанистката Емилија Маринова и ученици од Основното училиште „ Григор Прличев“ и Општинското средно училиште „ Св. Климент Охридски“ .

11_oktomvri_akademija_4005