Блажески: Ќе донесам и адвокат од Скопје, само за да ги одбранам интересите на граѓаните

Во Основниот суд во Охрид денеска се одржа подготвително рочиште за правната работа против Дејан Блажески, претседател на охридската организација на Либерално-демократската партија и член на Советот на Општина Охрид, тужен од страна за секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески заради навреда и клевета во врска со случајот „Лизгалиште“, кој според Блажески е контроверзен проект.

На денешното рочиште Блажески го одби предлогот на судијата за правно помирување и рече дека психијатриското вештачење не му било доставено заедно со тужбата. Како што рече по завршувањето на рочиштето, ја зборува само вистината и токму заради тоа го одбил предлогот за помирување.

Блажески се пожали дека и адвокатот во кој бил сигурен дека ќе го застапува денеска во последен момент му го откажал неговиот ангажман.

„Уште повеќе изненадува фактот што покрај сите обиди да пронајдам адвокат во нашиот град, и тогаш кога мислев дека го најдов адвокатот којшто ќе ме застапува затоа што јас сум економист, а не правник, во пет минути до 12 часот, вчера бев одбиен од адвокатот со што бев приморан сам да се бранам. Јас сум човек којшто знае дека политиката не е балет, туку е рагби но сум за рагби со правилна игра. Продолжувам понатаму. За жал, ќе морам да увезам адвокат од Скопје со една причина за да ги одбранам интересите на граѓаните и секогаш да бидам против оние проекти што се спорни, без оглед на тоа колку пари бараат, без оглед на тоа колку верувам во оваа палата на правда или неправда. Поентата е дека јас ќе продолжам во интерес на граѓаните за што сум впрочем и избран, ќе продолжам да прашувам, да откривам работи и со самото тоа цврсто и одлучно стојам и нема да се поколебам и покрај понудата на судијата за правно помирување. Јас го одбивам тоа бидејќи одговорно тврдам дека не само што прашувам, туку и секогаш ја зборувам вистината“, изјави советникот Блажески по излегувањето од Судот.

Како што додаде тој, се уште стои на ставот дека проектот „Лизгалиште“ е спорен и во него не е инволвирана австриска фирма, туку една локална фирма која им наплаќа пари на граѓаните.

„Стануваше збор за спорниот проект „Лизгалиште“ за кој првенствено најавија дека го прави австриска фирма за на крај да се види дека тоа е договор на општината со една локална фирма, уште повеќе кога тука во презентираните докази го имам тоа дека лизгалиштето го имаат не како урбана опрема за што одговорно тврдам дека не е поминато на Совет, туку ни го правдаат дека е презентација на лизгачки спортови. Презентациите се бесплатни, а очигледно беше дека се наплаќаат сметки на граѓаните за користење на тој простор. Уште повеќе, навредениот секретар којшто повторно не најде за доблест да се појави денес, беше испровоциран со самото тоа што беше прашан дали е тој потписник на контроверзниот договор, а контроверзен е со самото тоа што претходно во медиумите се шпекулираше дека станува збор за австриска фирма. Јас имам документација на која и самиот Спасески е потпишан на барање коешто го има испратено до градоначалникот“, рече Блажески.

Судското рочиште на кое ќе се одвива главната расправа за случајот „Лизгалиште“ е закажано за 27-ми ноември годинава.

Извор: Супер радио/А.Р.