Ставрески: Со „Купи куќа-Купи стан“ државата помага за решавање на животно прашање

Има голем интерес за проектот „Купи куќа – купи стан“, преку кој државата на лицата кои немаат многу пари им помага да го решат своето животно прашање и да дојдат до сопствен дом. Досега ова прашање со финансиска помош на државата во висина од околу 2,5 милиони евра го решиле околу 340 лица. Поради интересот проектот ќе продолжи и наредната година, најави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при посетата на првиот саем организиран за овој проект.

„Очигледно интересот е огромен бидејќи се работи за многу добар проект за луѓето кои немат многу пари, кои делумно можат да приберат средства за да го решат животното прашање за сопствен дом, но, од друга страна им треба малку помош.Тука е државата со субвенциите што ги дава, кои достигаат и до 14 илјади евра кога се работи за кредит за куќа од 50 илјади евра, а доколку се работи за стан субвенциите достигнуваат до 9.200 евра,“ рече Ставрески.

Тој апелира младите луѓе коишто го немаат решено прашањето на сопствен дом да дојдат во текот на овие неколку дена на саемот кој трае од 24 до 28 октомври, да се информираат и да се одлучат за една од опциите кои им се нудат.

„Тие се навистина се поволни бидејќи може со рата од околу стотина евра да се добие кредит од 40 до 50 илајди евра и првите пет години да се плаќаат само 100 евра месечно, што е исто како да се плаќа кирија за одредени станови во Скопје. Ако се решат за алтернативата која е уште поповолна односно за изградба на куќа субвенциите се уште поголеми,“ истакна вицепремиерот Ставрески.

Во Скопје Сити Мол во тек е првиот саем за проектот „Купи куќа купи стан“. Тука на едно место се собрани сите градежни компании кои нудат станови до 900 евра, како и типски куќи, банките што нудат кредити, претставниците од Министерството за финансии коишто објаснуваат како да се добијат субвенциите, претставници од компаниите за мебел, бела техника, осигурителните компании…

„Тука граѓаните ќе можат да се информират од почеток од идеја до реализација, што им се нуди, каде се наоѓаат становите, како да дојдат до кредит и како да ги искористат државните субвенции“, рече Ставрески.

Информира дека во рамки на проектот досега се субвенционирани околу 340 семејства кои на ваков начин го решија прашањето на сопствен дом. – За таа цел од буџетот се издвоени 2,5 милиони евра. Практично околу десетина милиони евра кредити што ги дадоа банките се поддржани и на тој начин се реши прашањето на сопствен дом на овој број на граѓани, рече тој.

Вицепремиерот и министер за финансии најави дека проектот „Купи куќа – Купи стан“ ќе продолжи и во иднина.

„За следната година во буџетот исто така имаме предвидено средства и верувам дека граѓаните кои во моментов не можат да ја донесат таа одлука понатака ќе ја искористат можноста и ќе се одлучат на ваков начин да го решат ова шивотно прашање. Буџетот за наредната година за оваа намена е планиран на ниво на годинешниов, но доколку има потреба ќе додадеме средства зависно од интересот на граѓаните“, потенцира Ставрески.

Проектот беше промовиран во јануари 2012 година. На граѓаните им се нудат два модела – половина рата за купување стан и 75 проценти за изградба на куќа. Вториот модел е учество.

Извор: МИА