Триесет нови наслови од планираните 560 од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ беа промовирани денеска во Скопје. Досега се преведени и промовирани вкупно 360 дела, а до крајот на годинава треба да се промовираат 50 нови.
„Секое од овие дела има свој значаен удел во продлабочувањето на разбирањето на човештвото со сите негови посебности, традиции, размислувања и перцепции за светот околу нас. Без оглед на жанровската припадност секоја книга носи дел од авторот чии согледувања за животот и времето во кое тој живее се непроценлива можност за секој читател да се прошета низ времето, државите и мислите на писателот“, истакна премиерот Никола Груевски на денешната промоција на новите дела од оваа едиција.
Во нив, меѓудругите се застапени, јапонски поети, Толстој, Херман, Мелвил, Платон, Пјер Бомарше, Михаил Шолохов, Џон Штајнбег, Карл Јунг, Вилијам Голдинг…
„Застапени се широк спектар автори од различни позадини, култури и времиња. Секој од нив ни цртал уникатна слика за светот и со тоа ни го збогатува и нашиот свет и претстава за нештата за кои се обраќа писателот преку својата книга. Токму ваквите квалитети кои ги поседува пишаниот збор, ги прават книгите поттикнувачи на фантзијата и извор на инспирација за нови размислувања и идеи. Читањето и натаму го збогатува умот и ја облагородува душата,“ рече премиерот.
Водејќи се од оваа мисла, додаде, ние продолжуваме со реализација на овој проект бидејќи единственото вистинско богатство нешто што е вистински неотуѓиво е ширината на умот која, пак, се храни од мислите на авторите меѓу кои и оние чии дела денес ги ставаме на располагање на сите наши граѓани.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека и овие нови дела на светската книжевност, рушејќи ги јазичните бариери, на македонската читателска јавност ќе и откријат нови светови, нови хоризонти, и ќе и овозможат осознавање на вредностите кои имаат цивилизациско значење.
„Во новите 30 наслови кои денеска ги промовираме се застапени стиховите на старите јапонски поети, приказната за осаменоста на човекот на Шикибу преточена во Приказната за Генџи. Тука се и запишаните мисли за животот, човекот, мудроста, во Платоновите избрани дијалози. На секој читател од денеска ќе му биде поблиска борбата со природата преку Моби Дик, „лажните ликови“ во Планетариумот на Натали Сарот, праведноста на Стендал во Црвено и црно, расказите на Музил, Човековата судбина на Шолохов, расказите на Лу Син и Есеите на Борхес, исмејувањето на хипокризијата на Бомарше во Женидбата на Фигаро. Ова се само дел од најновите преведени наслови кои ќе и овозможат на нашата читателска јавност разговор со најголемите умови на изминатите столетија,“ истакна таа.
Додаде дека „Ѕвездите на светската книжевност“ полека но, сигурно ја заокружуваат својата физиономија.
„Од вкупно 560 наслови на дела кои сведочат за развојните процеси на светската литературна мисла, досега се преведени 360 книги на автори кои ја одбележаа историјата на светската книжевност. Уверена сум дека преведените врвни дела на Толстој, Достоевски, Ниче, Маркез, Ребека Вест, Штајнбег, Клодел, Борхес, Зола, Ман, Кундера се вистинско естетско уживање за читателите од сите генерации и дека тие внесуваат нова димензија во поимањето на тајните на светската книжевност и детерминираат еден нов импулс, едно длабоко и трајно интелектуално влијание во македонскиот културен контекст“, потенцира Канческа-Милевска.
Додаде дека Владата и Министерството за култура и во иднина безрезервно ќе ги поддржуваат сите проекти кои се во насока на подигање на свеста за важноста на јазикот како базичен фактор на националниот идентитет, промоција на македонското творештво во меѓународни рамки и проектите кои се во функција на вградување на наследеното светско книжевно нагледство во едукацијата на сите генерации.
Претседателот на редакцијата на оваа едиција академик Митко Маџунков истакна дека покрај ваквите групни промоции, заслужуваат и посебни книжевни промоции. Македонија, рече тој, треба да заличи од овие книги и тие треба да се најдат на видни места во институциите, не само библиотеките, туку и во излозите на книжарниците, на факултетите, во театрите, во домовите за култура, во средните училишта…