Од осамостојувањето на Република Македонија, Турција беше првата земја која подаде пријателска рака, земја која изрази подготвеност за соработка и помош во сите сфери, а особено во областа на одбраната. Отвореноста и блиската соработка се најзначајната алка во градењето на стратешките односи помеѓу двете земји.
Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, во своето обраќање по повод примопредавањето на донација на воено маскирни униформи и чизми од Република Турција, за Армијата на Република Македонија кое се одржа денес во кругот на Министерството.
Денешната донација, додаде министерот Јолевски, се состои од нова опрема со висок квалитет целосно компатибилна со стандардите на НАТО. Таа ќе даде значителен придонес во интендантското опремување и модернизацијата на Армијата на Република Македонија, рече министерот на свеченоста на која присуствуваше и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, заменик-министерот Арбен Лабеништа, државниот секретар во министерството, Сашо Стефаноски и останатиот врв во Министерството и АРМ.
Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Омур Шолендил, порача дека во рамките на пријателските односи помеѓу Турција и Македонија, односите на полето на одбраната се една од најнапредните билатерални односи помеѓу нашите земји, со напомена дека до денес се потпишани вкупно 28 договори за воено-финансиска помош. Македонија која е во срцето на Балканот, претставува клучна земја за мирот и просперитетот на регионот рече амбасадорот Шолендил и додаде дека е уверен дека за кратко време Македонија ќе направи уште поголем исчекор кон членството во НАТО, кое одамна го заслужува.
Донацијата со вкупна вредност од 2 милиони долари, претставува продолжение на севкупните донации од Република Турција, чија досегашна вредност изнесува околу 20 милиони долари. Република Турција е првата земја која упати воено аташе во Република Македонија и првата земја која потпиша спогодба за соработка. Во рамките на досегашната соработка над 700 припадници на Армијата на Република Македонија се школуваа и обучуваа во престижните воени центри за обука на Република Турција.