Арнаудоски: СДСМ во цели осум години власт ветуваше, но не исполнуваше

Во ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, денес се одржа прес-конференција, на која зборуваше координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Илија Арнаудоски.

„Денешната прес конференција е по повод континуираните напади на СДСМ- Охрид во однос на капиталните проекти кои ќе ги гради Општина Охрид и ВМРО- ДПМНЕ а се во насока на подобар живот за охриѓани и поубав Охрид.

СДСМ во цели осум години власт ветуваше, но не Исполнуваше. Ветуваа брда и долини , затворен пазар, дом за стари лица, нова автобуска станица а наместо тоа општинската каса ја испразнија за приватни ручеци, седенки, и пиенки.

Ако СДСМ има толкава желба јавно да ја критикува вредната работа на актуелната локална власт за на тој начин јавно да се експонира, да ги запрашаме јавно: Зошто не одржат средба на тема: Колку пари за ручеци, за презентации и за приватни патувања потрошиле од општинската каса, или на пример за колку ја задолжија општина Охрид и јавните претпријатија. И додека тие тоа го прават додека се фотографираат и снимаат, ВМРО-ДПМНЕ макотрпно работи , во насока на се што ветила да исполни.“– истакна Арнаудоски.

Како што кажа Аранаудоски, градоначалникот Никола Бакрачески кои ги вети трите капитални проекти: катна гаража, дом за стари лица и автобуска станица, истите ќе ги реализира.

„Доколку СДСМ не крадеше и не го опустошеше Охрид во толкава голема мера Општината ќе реализираше некој од овие три крупни проекти со сопствени средства. Во моментов, анализите направени со стручни лица и заинтересирани приватни инвеститори покажаа дека најдобар и најбрз модел на реализација на овие капитални проекти е со продажба на земјиштето, а на општината , одлично би и дошле приходите по основ на продажба на земјиштето и комуналии, затоа што истата на власта од ВМРО – ДПМНЕ и беше предадена со долг од над 33 милиони евра. Намерата е што повеќе инвеститори да се јават на јавниот повик со цел да се зголеми цената на продажба. Доколку не успее овој модел не ја исклучуваме можноста да се одлучиме за друг модел, како јавно приватно прартнерство или друго согласно законската регулатива.

Почетна цена за откуп на земјиштето каде треба да се гради автобуска станица е 3170, односно 1393 денари за дом за стари лица и 1543 за катната гаража. Автобуската станица ќе се гради на 11.991 метар квадратен. Планираното е дека со продажба по најниска – цена ќе се инкасираат 38.014.418 денари, од што согласно законот на општината ќе и припаднат 80 % односно , општината би добила 30.411.534 денари. Очекуваниот приход од продажба на парцелата за катна гаража од 1515 метри квадрати е 1,8 милиони денари, а од продажбата на парцелата за изградба на дом за стари лица од 8425 метри квадратни 11,7 милиони денари. Дополнително уште неколку милиони денари би се добиле по основ на комуналии.

Земјиштето кое ќе биде предмет на продажба ќе може да се користи исклучиво за изградба на предвидените капитални објекти.

Ние го надминавме периодот на СДСМ кога буквално за пат на Скопје се менуваа битни планови и проекти, кога едно се планираше во ДУП-овите, друго поминуваше на совет, трето се излагаше пред Министерството за транспорт и врски. Во однос на изградбата на овие три капитални објекти многу значајни за Охрид, во самата урбанистичка документација,се предвидува намена исклучиво за изградба на автобуска станица, катна гаража и дом за стари лица. Значи земјиштето што ќе се подава е строго наменето за реализација на овие три проекти. И во самата тендерска документација ќе биде наведено дека земјиштето се продава исклучиво со оваа намена и самиот купувач на земјиштетот ќе има обврска во рок од три месеци да прибави дозвола за градба и по извесен број на години да изгради таков објект.“- рече Арнаудоски.

Тој уште додаде,  додека власта на ВМРО – ДПМНЕ работи на привлекување странски инвеститори со цел стопанско и туристичко заживување на Охрид, ги прашуваат од СДСМ зошто во нивно време не донесле ниту еден инвеститор, не отвориле ниту една фабрика и зошто ги протерале младите од градов.

„Општинскиот долг од над 33 милиони евра ,блокираната сметка, заведените над 428 судски спорови против општината, предимензионирана општинска администрација, катастрофалната материјална и финансиска состојба во општинските јавни претпријатија и на образовните институции , ова се капиталните дела што СДСМ ги остави во Охрид.

Маката на СДСМ е успешната работа на ВМРО –ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески.

Почитувани од СДСМ вратете ги парите кои ги упропастивте за овие 8 години а се над 32 милиони евра , ние јавно ветуваме дека со нив ќе изградиме три пати повеќе од овие три капитални инвестиции, катна гаража, дом за стари лица и автобуска станица кои ги ветивме за Охрид.

И додека СДСМ се фотографираат и снимаат ВМРО- ДПМНЕ јавно ќе ги потсетуваме на пустошот и хаосот што го оставија во Охрид и јавно ќе бара одговор на прашањата: колку капитални проеклти, колку инвеститори, колку хотели изградија во Охрид за 8 години владеење. Секако ВМРО-ДПМНЕ во цело ова време продолжува да работи во интерес на Охрид и охриѓани.“– заврши Арнаудоски.

WebOhrid