ФЗОМ никогаш не размислувал, ниту предлагал надоместокот на плата да биде на товар на фирмите, како што некој шпекулира. Не го разбирам мотивот зашто јавноста беше дезинформирана од разни медиуми, но јасна е тенденцијата да се креира неизвесност и неоснована критика за добар проект и добри намери.
Ова денеска го изјави директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова за проектот на Владата на Република Македонија „Побрза исплата на надоместоци”.
Според Парнарџиева-Змејкова, мотивот на фондот за сите проекти е секогаш да се подобри одредено право на осигурениците, во случајов правото на болниот и правото на мајката/таткото на породилното отсуство.
– Проектот е по барање на осигурениците, кои се на боледување или породилно отсуство кои сакаат надоместокот да го добијат во исто време со платата на останатите нивни колеги. Затоа, Фондот во новата владина програма зацрта двогодишен проект за побрза исплата на надоместоците, рече директорката на ФЗОМ
Парнарџиева-Змејкова нагласи дека имајќи во предвид дека проектот треба да започне во 2016, тие во изминатите два месеци правеле компаративна анализа за исплатите на надоместоците во земјите од нашето опкружување вклучително и земјите од ЕУ.
– Словенечкото искуство го земавме со големо внимание поради големото задоволство на осигурениците, а воедно го до разработивме и прилагодивме на Македонските услови. Примерот на Словенија е исплатата на надоместоците привремено да ги исплатува фирмата, а во краток рок ФЗО да ги надомести до фирмата во целост. Некои од причините за ненавремена исплата на надоместокот според нашите анализи, се кај самите фирми поради ненавремените поднесоци од нивна страна како и поради грешките на пресметките за надоместокот од страна на фирмите. Ова, потоа креира застој и доцнење на исплатите од страна на ФЗО. Токму затоа фондот направи и широка дебата со фирмите преку Сојузот на стопански комори, Стопанска комора на Македонија, Организација на работодавачи на РМ, одкаде што произлегоа добри и конструктивни предлози, за да се подобри проектот, рече Парнарџиева-Змејкова.
Во таа насока, додаде та, во владина процедура се 3 варијанти за реализација за проектот „побрза исплата на надоместоците“, од кои едниот е словенечкиот модел, другиот е словенечки модифициран согласно нашите состојби, а третиот е административно и законско решение со кое не се менува системот на исплати туку се забрзува исплатата.
„Сите модели воедно ја инкорпорираат и конвенцијата за мајчинство,бидејќи предвидуваатпобрзо остварување на правата на Мајките. Затоа се неточни реакциите од страна на опозицијата. Дополнително негирам дека постојат било какви законски измени во моментов. Единствено нешто што како фонд во моментов го превземавме, а треба да започне од 01.01.2015 и е вклучено во сите 3 варијанти е следново: Покрај поднесокот за надоместокот на плата кој може да го поднесе, фирмата или осигуреникот, ќе овозможиме отворање на породилно отсуство да го спроведе здравствена установа. Пластично објаснето тоа значи дека по породувањето болницата или матичниот гинеколог ќе пријави по службена должност отворање на породилно отсуствокое фондот веднаш ќе го процесира и ќе почне со исплата, без други документи. Ова е единствената новина за која сакаме да ја информираме јавноста, а е во финална фаза на реализација. За избраната варијанта за целосна реализација на овој проект дополнително ќе ја информираме Јавноста кога ќе заврши Владината процедура“, рече Парнарџиева-Змејкова.
Таа изрази жалење што добар проект за жените и болните, за побрзо да ги добијат парите кога навистина им се потребни (за лекови, терапија, нега за бебе) некои без грам одговорност, од чисто политички и манипулативни мотиви, си дозволиле да го испревртат и злоупотребат за непотребно да ја вознемират Јавноста. Потенцираше дека секоја новина од Фондот, била и ќе биде за доброто на Осигурениците.
Извор: Нет Прес