Заврши Конкурсот за млади поети, доделени ваучерите на првонаградените

Песната „Потрага“ на Андријана Коровешовска е првонаградената на конкурсот за млади поети што го распиша Агенцијата за млади и спорт на Република Мекедонија, во соработка со Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) .

Од 86 пристигнати песни од млади поети на возраст од 15 до 29 години, жирито во состав Вера Чејковска, Кочо Топузовски и Миле Јовановски, ги објави наградените песни. Втората награда ја доби песната „Јулска Секвенца“ на Антоанета Ристевска и третата наградена песна е „Сведок“ на Мартин Каровски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески кој ги додели првите три награди, ваучери во вредност од 5.000, 10.000 и 15.000 денари, истакна дека песните од наградените поети и дел од песните испратени на конкурсот ќе бидат објавени во збирката пезија која што до крајот на годината Агенцијата ќе ја пушти во печат.

„Планираме збирката да ја дистрибуираме во сите основни и средни училишта во Македонија и на тој начин да придонесеме пред се кон поддршката на младите автори, да ги стимулираме младите лица, пред се основците, средношколците и студентите да креираат поезија. На тој начин да контрибуираат во македонската литература“, посочи Спасески.

За претседателот на ДПМ Веле Смилевски проектот на Агенцијата за млади и спорт е добра форма на презентирање на творештвото на младите автори.

„Се надевам дека она што ќе го прочитаме како селектирана творба, ќе биде еден од патоказите на авторите што се во тренд во овој момент од помладите генерации“, додаде Смилевски.

AMS Mladi Poeti 3