Под слоганот „Супер радио не се слуша, Супер радио се сака“, охридското Супер радио денес прославува 22 години од постоењето.
Радио Супер важи за една од најпопуларните во Република Македонија и официјално најслушаната локална станица, според анкетата на СРД. Програмата ја емитува на 97.00 во регионот на Охрид и Струга, но и во живо на интернет каде имаат огромен број слушатели од целиот свет. Роденденот го дочекуваат со екипа од дваесетина водители, техничари, Дџ-и и новинари кои произведуваат квалитетна радио програма, која изобилува со одбрана музика, но и информации прилагодени на интересите и потребите на охриѓани. Големо внимание се посветува и на информативната програма, со вестите кои секојдневно се емитуваат на станицата, но и на информативните портали, што го прави медиумот еден од најцитираните и во кои најмногу се верува во западниот дел на Република Македонија.
„Направено е комплетно освежување на програмата. Само последниве шест месеци започнавме осум нови радио проекти, а уште еден стартува во текот на следната недела. Програмата е комплетно освежена со нови програмски сегменти, како џинглови и други форми на радио идентификација. Интенцијата е да излеземе од студиото и колку што е можно повеќе програма да се остварува од терен и во живо од интересни места во градот, кафе барови и секаде каде има нешто што е интересно за поширок круг публика. Наскоро имаме и едно посебно изненадување за нашите постари слушатели, но за тоа кога ќе дојде време. Сега полека го подготвуваме новогодишниот дизајн на програмата“, вели управителот и директор на програмата Јане Стефанов.
Стефанов најавува уште многу новитети во програмскиот и техничкиот дел, за „Супер радио да не се слуша, туку едноставно да се сака“.
Денешниот ден ќе биде посебно прилагоден со многу гости во студиото и награди за слушателите.