Општината ги додели стипендиите за талентираните ученици и студенти

На пригоден начин денеска, општина Охрид ги додели стипендиите за 18 талентирани основци, 21 средношколец и 6 студенти кои по претходно распишан оглас втора година по ред ги доделува Локалната самоуправа.

Стипендиите ги врачи претседателката на охридскиот Совет, Гордана Коњаноска која истакна дека целта на ваквиот проект е општината да даде допринос и да го олесни учењето и студирањето на младите охриѓани кои се нашата иднина, што беше едно од ветувањата и заложбите на градоначалникот Бакрачески максимално во рамки на можностите да се поддржат и стимулираат талентираните ученици и студенти.

Висината на стипендијата за учениците е 1500,00 денари односно за студентите 2000,00 денари месечно за период од девет месеци во текот на учебната 2014/2015 година .

Врз основа на претходно распишаниот конкурс, општината имаше предвидено 15 стипендии за основци , 20 за средношколци и 30 за студенти. Но од пријавените кандидати предвидените услови наведени во конкурсите ги исполнуваа 18 основци, 21 средношколец и 6 редовни студенти со висок просек на државните факултети.

Проектот за стипендирање на талентирани ученици и студенти е по иницијатива и со заложба на Градоначалникот на Охрид , Никола Бакрачески и за прв пат се реализира минатата година кога финансиска поддршка Општината даде на 20 ученици во основните и средни општински училишта и за 20 студенти од Охрид . Со овој проект се исполни уште едно ветување на градоначалникот да се поддржуваат и стимулираат учениците и студентите од Охрид како битни столбови и градители на нашата иднина.