Седум члена бизнис делегација составена од претставници на корпорацијата на фирми кои се занимаваат со туризам, градежништво, рибарство, меѓународна трговија и прехранбена индустрија од Република Турција, вчера доцна попладне беше во официјална посета на општина Охрид.
Гостите ги прими заменик градоначалник на Охрид, Ангел Јанев заедно со советникот Иљат Ибраим и раководителот на Секторот за ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.
Турските бизнисмени се запознаа со можноста за инвестиции во Охрид, посебно во делот на туризмот и хотелиерството при што тие покажаа особен интерес за градба на хотели но и за инвестирање во постоечките хотелски објекти кои не се во функција.
На средбата стана збор за големиот број турски гости во Охрид и Македонија а се разговараше и за субвенциите кои држава ги нуди за туроператорите и туристички агенции кои ќе ги донесат турските гости кај нас.
Гостите беа запознаени и за напорите на македонската Влада и градоначалникот Никола Бакрачески за воведување и обезбедување на редовни авио линии од Турција кон Македонија и обратно како и за субвенционирање на чартер летови од Турција кон Македонија односно Охрид.
Ѓоко Апостолов од Секторот за ТЛЕР, одржа презентација за можностите за инвестиции во делот на хотелиерството во Охрид по што турските бизнисмени ја добија и брошурата „Invest in Ohrid“.