Македонската музичка легенда Вања (Лазарова) Димитрова, писателот Раде Силјан, истакнатиот културен работник од областа на библиотекарството Миле Бошески, како и реномираниот диригент Рамадан Шукри, се нови носители на национална пензија. Со овие четири, досега се доделени 57 решенија за национална пензија на уметници од најразлични дејности од областа на културата.
Добитниците на националната пензија ќе примаат месечен надомест од Министерството за култура во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија.
На примателите, решенијата за национална пензија денеска им ги врачи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека четворицата реномирани доајени на македонската култура со своето творештво оставиле значителен белег за идентитетот на македонската култура и уметност во Македонија.
„Нивниот исклучителен придонес во сето она што го имаат направено за македонската култура и уметност е од огромно значење. Со доделувањето на решенијата и како Министерство и како Владата имаме можност да оддадеме почит и благодарност за нивните достигнувања и нивните резултати“, рече Канческа-Милевска. Овие решенија, посочи таа, многу значат од морален аспект, верувам дека и од финансиски аспект, но сепак моралниот аспект е на прво место.
„Нивните достигнувања верувам дека ќе имаат огромна важност и за идните генерации. Верувам дека тие ќе продолжат со својата работа да придонесуваат на каков било начин за македонската култура,“ истакна Канческа-Милевска и додаде дека тие претставуваат своевиден бренд за македонската култура и уметност. Таа нагласи дека со воведувањето на националните пензии и со анализите кои ги направиле, целта им била да се вреднува трудот на уметниците кои многу ќе значат за македонската култура и македонскиот идентитет.
По врачувањето на решението на Вања (Лазарова) Димитрова, министерката изрази уверување дека ќе продлжи да се негува нејзината изворна македонска музика која остави голем белег за македонската уметност, за македонската музика. Вања (Лазарова) Димитрова се заблагодари и рече дека и натаму колку може ќе соработува. Писателот Раде Силјан истакна дека за него тоа е големо признание за придонесот што го дал во областа на литературата, но и за неговиот долгогодишен ангажман во издаваштвото, во публикувањето на македонската книга и нејзиното афирмирање во Република Македонија и во странство. За Миле Бошески овој потег на Владата и на Министерството за култура покажува дека постои сознание, свест за постигнувањата во културата. Затоа, посочи тој, признанието го доживува повеќе како морален чин за она што досега го создал.
Диригентот Рамадан Шукри посочи дека севкупната дејност која ја вршел во изминатите четири децении во културата и образованието на крајот од неговиот работен век резултира со едно високо признание кое посакува секој да го има, што, според него, е стимул за натамошна дејност до крајот на животот.
Со измените на Законот за културата, почнувајќи од 1.1.2012 година се отвори можноста уметниците и другите стручни работници од областа на заштитата на културното наследство, кои се добитници на наградите „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело, да имаат право на месечен надомест од Министерството за култура во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија.