Поради долг ЈП „Билјанини Извори“ и ОУ „Григор Прличев“ исклучени од напојување со електрична енергија

ЕВН Македонија денеска им ја исклучи електричната енергија на Основното училиште „Григор Прличев“ и на Јавното претпријатие „Билјанини Извори“.

Како што дознаваме, екипите на ЕВН денеска попладне околу 16:00 часот дошле во јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти и ја исклучиле струјата од трафостаницата што се наоѓа во близина на спортската сала.

Причината, веќе е позната, долгот од над 8 милиони денари што го има ова претпријатие кон ЕВН и којшто се таложел низ годините наназад. Локалната самоуправа успеа да издејствува склучување договор со ЕВН за плаќање на долгот што го има „Билјанини Извори“ за потрошена електрична енергија, но поради недостигот од финансиски средства ова претпријатие не ги има целосно подмирено сметките, туку само дел од долгот.

Учениците од Основното училиште „Григор Прличев“ кои посетуваат настава попладне, денеска го напуштија училиштето во 16 часот и 30 минути бидејќи и таму беше исклучена електричната енергија.

Директорката на училиштето Силвија Мојсоска вели дека не се работи за голем долг, туку причината за неподмирените сметки за струја лежи во блокираната сметка на училиштето.

„Повеќе од осум месеци имаме блокирана жиро сметка што ни го отежнува работењето и токму затоа не можеме да го платиме долгот кон ЕВН. Минатата седмица добивме опомена за исклучување, но јас веднаш испратив допис до ЕВН во кој ги замолив да имаат трпение барем 20-тина дена зашто во тек е решавањето на овој проблем со Локалната самоуправа, но не наидовме на разбирање“, изјави Мојсоска за Супер радио.

Извор: Супер радио/А.Р.