СДСМ: За ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски тесно партиските интереси се поважни и поголеми од интересите на работниците

ОО на СДСМ Охрид, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„ За ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски тесно партиските интереси се поважни и поголеми од интересите на работниците.

Власта на Груевски со години наназад поставуваше партиски директори и раководители во ЕМО Охрид, кои го раскрчмија целиот имот на сметка на работниците.

Пред година и пол раководството во ЕМО им понуди на дел од вработените во ДООЕЛ ЕМО Дистрибутивни трансформатори да извршат трансфер во ДООЕЛ ЕМО Производство.

На работниците им беше ветено дека ќе имаат редовна работа и дека редовно ќе добиваат сини картони .Останатите нивни колеги, за кои раководството на ЕМО Охрид не ги сметаше за ревносни и послушни, беа оставени во друштвото што отиде во стечај.

Работиците надевајќи се дека ќе земаат плата и сини картони, дадоа отказ во ДООЕ ЕМО Дистрибутивни трансформатори и потпишаа нови договори за работа.

Но оттогаш, работниците ниту земаа плата, ниту видоа сини картони.

Дополнително тие ја изгубија можноста да станат стечајни работници, па да ги искористат условите и можностите од Законот за материјално обезбедување на невработените лица по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок што беше донесен пред 8 месеци.

Поради несовесното, нестручното и незаконското работење на раководната структура во овој некогашен охридски индустриски гигант ова законско право им беше скратено на поголем број работници во А.Д. ЕМО Охрид.

Маките и голготата за овие и за останатите работници во ЕМО, кои траат неколку години, продолжуваат и понатаму.

Затоа работниците оправдано бараат остварување на своите права.“- стои во соопштението.