Едно лице го загуби животот во сообраќајна незгода во близина на селото Песочан

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајната незгода што вчера во 16 часот и 20 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево во близина на селото Песочан.

На лице место починал Јордан С. (58) од селото Годивје додека со тешки телесни повреди се здобиле И.С. (64), С.С.(64) двајцата од Струга како и З.С. (54) од Охрид. Со лесни повреди се здобиле Д.Т.(24) и П.Б.(24) двајцата од Охрид.

Сообраќајната незгода се случила во момент кога возачот на патничко моторно возило марка „Алфа Ромео“ со охридски регистарски таблици, движејќи се од Кичево према Охрид, од засега неутврдени причини изгубил контрола над возилото кое потоа се занесло по коловозот по што со бочната десна страна удрило во предниот дел од патничкото моторно возило марка „Сеат Кордоба“ со охридски регистарски таблици. Ова возило се движело во правец од Охрид кон Кичево, а било управувано од сега починатиот Јордан С.

Тешко повредените И.С. (64), С.С. (64) и З.С. (54) кои биле сопатници во возилото „Сеат Кордоба“ како и полесно повредените Д.Т.(24) и П.Б.(24) кои биле во возилото „Алфа Ромео“ со брза помош се префрлени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.

На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на јавен обвинител од основниот суд во Охрид како и полициски екипи од охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај. За време на увидот, се вршеше наизменично пропуштање на моторните возила а запрени беа тешките товарни возила и автобусите.