Ќе се организираат работилници за слободен пристап до информации од јавен карактер

Охрид е еден од шесте градови во Република Македонија, во кои Мисијата на ОБСЕ и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе организираат работилници посветени на пристапот до информациите од јавен карактер и транспарентноста на локалните институции.

Работилницата во Охрид, како што беше договорено на состанокот со организаторите, ќе се одржи на 26 ноември 2014 година( среда ) во големата сала на општина Охрид со почеток во 11 часот и 30 минути. На работилницата учесниците , од средните училишта, Универзитетот за информатички технологии „ Св. Апостол Павле“ и Факултетот за туризам и угостителство, ќе ги посетат дел од секторите на Локалната самоуправа , а ќе биде презентиран и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Целта на работилниците е студентите и средношколците да се информираат за работењето на општинските служби и нивната улога во одлучувањето на локално ниво, како дел од кампањата за подигнување на свеста на граѓаните во рамки на кампањата за отвореност и транспарентност на локалните власти.