Претседателот на СДСМ, Зоран Заев придружуван од претседателката на Комисијата за европски прашања, Лидија Димова, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Бранко Раковец.
Недостатокот од демократија и слобода во Македонија, економските проблеми на земјата, назадувањето на Македонија на европскиот пат, беа теми на разговорот.
Словенечкиот амбасадор посебно се интересираше за политичката состојба во земјава и посочи дека забелешките од последниот Извештај на Европската комисија што се однесуваат на загрозување на демократијата и слободата треба да бидат сериозно сфатени.
„Враќањето на државата на нормален колосек е приоритет од којшто СДСМ нема намера да се откаже, а тоа подразбира неопходност од обезбедување услови за изразување на слободната волја на граѓаните“, рече претседателот Заев.
Претседателот на СДСМ, Заев истакна дека опозицијата е посветена на враќање на државата на граѓаните, којашто сега е узурпирана од власта во сите општествени сегменти, како и обезбедување услови за достоинствен живот на сите граѓани, наместо на поединци како што е сега.
Во европските земји се водат битки за подобрување на животниот стандард и зголемување на платите, а во Македонија за жал се води битка за враќање на елементарните права на граѓаните, слободата и демократијата беше констатирано на средбата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев со амбасадорот на Р.Словенија, Бранко Раковец.