Олеснето некомерцијалното движење на домашни миленици (кучиња и мачки) во ЕУ

Почнувајќи од 19 Ноември оваа година, граѓаните на Република Македонија ќе можат да патуваат со своите домашни миленици во државите на Европската Унија без претходно да извршат тест за проверка на имунитетот од извршената вакцинација против беснило. Со тоа за цели три месеци се намалува периодот потребен за комплетирање на документацијата потребна за патување.

Имено на 30 Октомври Европската Комисија донесе Регулатива (ЕУ) бр.1160/2014 со која Република Македонија се вклучува на листата на територии и трети земји кои ги исполнуваат условите пропишани од страна на Европската Комисија за контрола на беснилото со што Агенцијата за храна и ветеринарство и официјално доби потврда за успешно реализираните активности за контрола на беснилото во изминатиот период.

Со почеток од 2011 година Агенцијата презема низа активности за воведување на ефикасен систем за надзор на беснилото кој овозможува рано откривање како и пријавување и следење на животните за кои постои сомневање дека се заболени од беснило, ефикасно го применува и спроведува националното законодавство за некомерцијално движење на миленици, ја гарантира валидноста на документите за идентификација на животните, ефикасно применува мерки за превенција и контрола на беснилото. Единствена цел на активностите е минимизирање на ризикот од инфицирање на домашните миленици за што се преземаат и мерки за контрола при увозот на домашни миленици од други земји. Се применува стратегијата за контрола на популацијата на кучиња скитници, а се спроведува и редовна вакцинација на домашните миленици и на дивите животни (лисиците) против беснило. Во насока на заокружување на предвидените активности за воведување на ефикасен систем за надзор на беснилото, се применуваат и правилата за лиценцирање и пласман на вакцини против беснило.

За патување во рамки на Европската Унија животните треба да ги исполнат следните услови:

1. Да бидат соодветно обележани со микрочип (транспондер);

2. Да имаат примено вакцина против беснило која ги исполнува условите пропишани од Европската Комисија и

3. Да бидат придружени со ветеринарно – здравствен сертификат.

Обележувањето на животните со микрочип и вакцинацијата против беснило се врши од страна на ветеринарните друштва (матичните ветеринари), додека ветеринарно здравствениот сертификат го издава официјалниот ветеринар на основа на приложениот пасош и сертификатот за здравствена состојба на животните, кои треба да бидат уредно пополнети од страна на матичниот ветеринар.