Потпишан протокол за меѓусебно признавање и прифаќање на документи издадени од акредитирани лаборатории за храна и храна за животни меѓу БиХ и Република Македонија

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски и министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина Борис Тучиќ, денес го потпишаа Протоколот за меѓусебно признавање и прифаќање на документи издадени од акредитирани лаборатории за храна и храна за животни. Протоколот ја продлабочува понатамошната соработка со надлежните служби на Босна и Херцеговина, особено во делот на безбедноста на храната од неживотинско потекло и храната за животни и претставува основа за признавање на резултатите и другите пропратни документи кои ја следат пратката издадени од акредитирани лаборатории. На ваков начин, како што беше истакнато ќе се олесни протокот на пратки и ќе се поедностави постапката при увоз, неоспорувајки го правото на земјата увозник за целосно спроведување на постапката утврдена во националното законодавство. Со протоколот се регулира начинот на размена на информации во однос на акредитираните лаборатории и лабораториските методи, како и начинот на известување помеѓу надлежните органи при увозните постапки, преземањето на мерки, а дефиниран е и начинот на соработка меѓу надлежните служби на Република Македонија и Босна и Херцеговина.

На потпишувањето на Протоколот му претходеше склучување на Договор за соработка во областа на ветеринарството помеѓу Советот на Министрите на Босна и Херцеговина и Владата на Република Македонија во 2012 година како основа за поедноставување на прометот со животни и производи од животинско потекло, и оневозможување на внес на заразни болести и производи од животинско потекло кои се штетни за здравјето на луѓето, но и заради продлабочување на соработката во областа на ветеринарството.
Босна и Херцеговина е значаен трговски партнер на Република Македонија. Трговска размена на храна меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, се реализира согласно Централно Европскиот Договор за Слободна Трговија (ЦЕФТА 2006), според кој е остварена целосна либерализација.