Јавна анкета за избор на најдоброто јавно архитектонско урбанистичко решение за уредување на пет плажи на Охридското езеро

Министерството за транспорт и врски имформира дека на својата интернет страница www.mtc.gov.mk, креира јавна анкета и ги повикува сите заинтересирани граѓани да ја искористат можноста за електронско гласање и да учествуваат во изборот на најдоброто идејно архитектонско урбанистичко решение за уредување на пет плажи на Охридско езеро.

Станува збор за четири идејни решенија за уредување на пет нови плажи, долж крајбрежјето на Охридско езеро и тоа:

Уредување на 120 метри плажа во населеното место Далјан,

Уредување на 120 метри плажа во близина на т.н. Извиднички камп,

· Уредување на 700 метри плажа на потегот од Студенчишко блато до хотел Парк,

· Уредување на 500 метри плажа во Љубаништа и

· Уредување на 120 метри плажа во местото Лагадин.

Целта на проектот е да се уреди и збогати понудата при користење на водената површин, да се создаде атрактивен простор кој во себе содржи потенцијал за збогатување на постоечките понуди на Охридската ревиера и е од особено значење за зголемување на бројот на туристи, како и креирање на услови за поголем економски развој на општина Охрид.

Предвидено е плажите да се изградат согласно највисоките туристички стандарди и особено внимание ќе се посвети, да не се наруши еко-интегритетот на околината, кои се јавуваат со посебни специфичности за Охридското езеро.

Планираната песочна површина да биде од соодветен автохтон песок од регионот, притоа да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување на клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.

Изградбата на сервисен пункт треба да се состои од шанк со кабина за музика, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви (согласно правилникот за минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност), соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити.

Понатаму, обезбедување на простор за чадори за сонце и лежалки, на капалиштата да биде обележан просторот за капење во езерото со бови, заради заштита на капачите од пловни објекти, како и предвидено место за службата за спасување, места за информативни паноа, бежичен интернет и сл.

Откако ќе се изберат идејните решенија ќе се пристапи кон изработка на основните проекти, а потоа ќе се спроведе постапка за нивно уредување согласно изработените основни проекти.

По завршување на електронската анкета, жири комисија при Министерството за транспорт и врски, врз основа на критериумите од тендерската документација, ќе донесе Решение за доделување на награди како и за откуп на останатите идејни решенија.

Министерството за транспорт и врски во континуитет со конструктивни проекти, креира услови за економски развој и промовирање на туристичките потенцијали на нашата држава, велат од Министерството.