Инвестициски план на Еврокомисијата вреден 315 милијарди евра

Европската комисија најави нов инвестициски план, кој треба да обезбеди инвестиции од најмалку 315 милијарди евра во следните три години, сè со цел поттикнување раст и вработување во Европа.

Планот не нуди свежи пари, туку претставува пакет мерки, со помош на постоечките средства во буџетот на ЕУ и придонес на Европската инвестициона банка, да се привлечат приватни инвестиции. Со фокус на долг рок, големи европски инвестиции треба да креираат нови работни места.

„Денес Европа врти нов лист. Треба да се испрати порака до народот на Европа и до остатокот од светот – Европа се враќа во бизнисот. Ова не е момент да се погледне назад. Инвестициите се за иднината. Ова е предизвик на една генерација“, истакна, меѓу другото, претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер.

Планот се заснова на три главни точки:

  • мобилизирање на средства за инвестиции без зголемување на јавниот долг; 
  • насочување на инвестициите за проекти во клучни области, како инфраструктурата, образованието, истражувањето и иновациите; 
  • отстранување на бариерите за инвестирање во одделни сектори.

Првиот човек на Еврокомисијата упати уверување дека Европа може да понуди надеж за своите идни поколенија и за остатокот од светот, како ветувачки, атрактивен центар за работни места, раст и инвестиции.