Во седиштето на НАТО во Брисел, државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски заедно со државните секретари во Министерствата за Надворешни работи и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Елена Кузмановска и Беким Алими, пред заменик-шефовите на Постојаните мисии на земјите-сојузници на Алијансата ја презентираа годишната национална програма за 2015 година на Република Македонија за пристапување во НАТО.
Заклучокот на отворањето на 16-от циклус на Акцискиот план за членство (МАП) на Македонија во НАТО е дека Република Македонија направи извонредни реформи во одбраната и е подготвена да стане членка на Северно-атлантската алијанса, меѓутоа единствена пречка за членство е блокадата од страна на Грција.
Државниот секретар Стефаноски пред присутните потврди дека Република Македонија, се гледа во иднина како дел од Алијансата и воедно додаде дека членството во НАТО останува највисок стратешки приоритет за Владата на Р.М.
„Го отворивме 16-тиот циклус од Акцискиот план за членство во Алијансата, што е своевиден рекорд, при што од страна на присутните на денешниот состанок беа потврдени реформските процеси што Република Македонија ги прави во одбраната и беше признато се што е направено како подобрување на состојбите и кревање на капацитетите на Армија, со цел да биде компатибилна со НАТО-армиите. Република Македонија има сертифицирано две армиски единици кои се компатибилни со единиците на Алијансата и за жал, единствена пречка за членство на Република Македонија во НАТО е нерешениот наметнат спор за името од страна на Република Грција“. – потенцира Стефаноски.
„Од наша страна беше потенцирано дека НАТО има незавршена работа во регионот, бидејќи само со членството на Република Македонија во НАТО, Алијансата би го стабилизирал регионот и срцето на Балканот, конечно би станало стабилно подрачје и би извезувало мир и стабилност и во другите региони“ – додаде државниот секретар Стефаноски.
Заменик шефовите на Постојаните мисии на земјите сојузници на Алијансата ги поздравија досегашните учества на македонските војници во миривните мисии и заложбата на Република Македонија за натамошен придонес во промоција на мирот и слободата, вклучувајкли ја и новата мисија наречена Одлучна поддршка за поддршка на Авганистанските власти.