Во затвор се договориле да крадат возила, да ги растураат и да ги продаваат на делови

СВР-Скопје – Единица за општ криминал до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против лицата Н.Ш. (58) од с. Оризари -Липково и Т.Ж. (71) од Скопје поради основано сомнение дека извршиле едно кривично дело – “тешка кражба“ предвидено и казниво по чл. 236 од КЗ на РМ. При тоа, од страна на судија во претходна постапка на Т.Ж. му е одредена мерка притвор во траење од 8 дена, а додека Н.Ш. во моментот е недостапен на органите на прогонот.

Кривичното дело го извршиле на тој начин што најпрво пријавениот Н.Ш. откако на 09 минатиот месец на подрачје на ПС ОН Центар, поточно во населба Крњево забележал паркирано ПМВ марка Голф серија 4 и се уверил дека нема да биде забележан од никого, на непознат начин, најпрво го отворил заклученото возило, го ставил во движење и се упатил кон плац (отпад) за кој е утврдено дека работи на црно, лоциран во с.Петровец, сопственост на пријавениот Т.Ж. Потоа, одземеното возило пријавените веднаш го растуриле со намера истото да го продаваат во делови. Притоа, еден дел од деловите на возилото ги продале на непознати лица, а шасијата од возилото пријавените ја исекле на парчиња и истата ја продале за старо железо.

На 24 овој месец со предходно обезбедена Наредба од судија на предходна постапка, извршен е претрес во отпадот при што пронајдени и одземени се поголема количина на делови од повеќе растурени возила за кои постои сомневање дека потекнуваат од други исти сторени кривични дела. Исто така пронајден и одземен е еден демонтиран (расклопен) мотор од ПМВ Голф серија 4 за што, по извршеното вештачење, утврдено е дека потекнува од гореспоменатото одземено ПМВ и истиот е вратен на оштетениот.

Пријавениот Т.Ж. е приведен во просториите на ПС за ОН Гази Баба и извршен е разговор каде истиот појасни дека со Н.Ш. во текот на првата половина на годинава се запознале во затворот КПУ Скопје, каде и двајцата биле на издржување казна затвор и оттаму потекнувал договорот за извршување на овие кривични дела, соработка при одземање на моторни возила, растурање на делови и продажба на истите, како и договор Т.Ж. да ги задржува шасиите од возилата.

Исто така, при претрес во отпадот пронајдени и одземени се една тетратка и два бележника во кои Т.Ж. запишувал дел од продадените предмети, цена по која се продавани како и колку парични средства треба да поделат со Н.Ш. за што е утврдено дека истите се стекнале со противправна имотна корист од 280.000 денари.

Инаку, во изминатиот период против пријавените се поднесувани кривични пријави и тоа: против Н.Ш. во временскиот период од 2000-2014 година му се поднесени шест кривични пријави и тоа три од областа на имотните деликти (тешка кражба, одземање моторно возило и прикривање), две од областа на кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај и една од областа на кривични дела против правниот сообраќај (фалсификување исправа), а против Т.Ж. во временскиот период од 1996-2013 година поднесени му се 17 кривични пријави и тоа 15 од областа на имотните деликти (тешки кражби, одземање моторно возило и затајување), една од областа на кривични дела против општата сигурност на луѓето и имотот (предизвикување општа опасност) и една кривична пријава од областа на кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот (загрозување на сигурноста).