Над 200 деца со прекрасни цртежи за „Мојот дом“

Тешка работа имаше жирито за да ги одбере најдобрите цртежи кои ги изработија деца од пет до 10 години, кои учествуваа на ликовниот конкурс „Мојот дом“ на платформата за активизам „Лице в лице“, во пресрет на излегувањето на новиот број на истоименото улично списание.

Пристигнаа над 220 цртежи, од кои жирито, во состав Сергеј Андреевски, ликовен уметник, Зоран Инадески, графички дизајнер на „Лице в лице“ и Венди Аџиева, програмски менаџер од организацијата „Хабитат“ Македонија, ги одбраа цртежите на следниве деца, кои се издвојуваат по својата креативност и оригиналност:Прво место доби Милица Лозановска, второто е за цртежот на Максим Дамјановски и третото за Матео Петковиќ. Специјалната награда ќе отиде во рацете на Михаела Јаковлевска.

Пофалници ќе бидат доделени на: Ања Гонева, Марија Марјановиќ, Иван Стојковски, Калин Николов, Ведрана Ристовска, Софија Штрбевска, Тамара Драгевска, Ненад Јовановиќ, Мариела Стефановска и на Наталија Јакимовска.Наградените учесници ќе добијат сет подароци од „Просветно дело“, како и пофалници и комплет списанија од Платформата за активизам. Најдобрите цртежи, исто така, ќе бидат објавени и во списанијата „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“.

Mihaela Jakovlevska SpecijalnaNagrada

Дел од цртежите ќе бидат објавени и во новиот број на „Лице в лице“, чија носечка тема е „Правото на домување“, а наградите ќе ги доделиме на промоцијата, која ќе биде на 11 декември во 18 часот, во амфитеатарот на Архитекстонскиот факултет во Скопје.

Сите учесници на овој конкурс изработија прекрасни дела кои ги објавивме во посебен албум на нашата страна на фејсбук, а заедно со своите родители и со наставничките, наставниците и обучувач(к)ите, разговараа за значењето на домот. Ни пристигнаа цртежи од повеќе основни училишта од земјава – „Блаже Конески“ – Скопје, „ЉубенЛапе“ – Скопје, „Пере Тошев“ од село Десово, општина Долнени, „Благој Кирков“ – Велес, „Ѓорѓија Пулевски“, „Вера Которка“ од село Клечовце, „Лазо Ангеловски“ од Скопје, како и од „Брејнобрејн“ Македонија и од „Мали креативци“, кои сите заедно многу разговарале за оваа тема и имале часови со креативност и исполнетост.

Mateo Petkovic TretoMesto

„Покрај сите пристигнати дела (повеќе од 200) требаше да се направи селекција и да се доделат признанија за најдобрите. Искрено, после три дена размислување и детално разгледување на пристигнатите дела одбрав 200 кои треба да земат признание – вели Зоран Инадески, дизајнерот на „Лице в лице“ и член на жирито.Ликовниот уметник Сергеј Андреевски, кој и до сега бил дел од повеќе работилници за деца кои ги организираше „Лице в лице“ вели дека изборот го направил прилично тешко, водејќи се според креативноста и слободата изразена во делата на младите автори.- Изборот го правев исто како кога би оценуваал и возрасни професионалци “– вели Андреевски.

Претставничката од „Хабитат“ Македонија, пак, Венди Аџиевска, даде одделна анализа на секое дело од нејзиниот потесен избор и додава дека низ делата, освен креативност и спонтаност, во голема мера видлива е и детската смелост да се експериментира со композицијата, ритамот, околината.

„Најголем дел од пристигнатите цртежи илустрираат развиено чувство за перспектива и неоспорна оригиналност “– заклучува Аџиевска.

Центарот за медиумски активности (ЦМА) од Скопје, организација која е издавач на „Лице в лице“ и која ја спроведува истоимената Платформа за активизам во земјава, заедно со „Хабитат“ Македонија ја креираше темата за новиот број, кој ќе го претстави домувањето како основа за човековиот развој. 

Maksim Damjanovski VTORO MESTO