Децата најранлива група во трговијата со луѓе

Идентификацијата на жртвите и на потенцијалните жртви на трговијата со луѓе е главниот проблем со кој се соочува светот, вклучувајќи ја и Република Македонија, истакна Стојна Димишковска од Здружението „Отворена порта“ на денешната Национална конференција за проактивна и координирана борба против трговија со луѓе со фокус на трудовата експлоатација, а на која се обратија и министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска и Диме Спасов.

Како што нагласи министерката Јанкулоска, според актуелните трендови на трговијата со луѓе, како најгруба форма на кршење на човековите права и дигнитет, женската популација и децата се најзагрозена група. МВР континуирано презема мерки и се справува со кривичните дела од областа на трговијата со луѓе и илегалната миграција и како резултат на тие заложби, посочи, во годишните извештаи на Стејт департментот на САД, Република Македонија по четрти пат по ред е рангирана во ТИЕР-1 групата земји кои ги исполнуваат потребните услови за успешна борба против трговија со луѓе.

Според аналитичките опсервации на МВР, најзастапен вид во областа на трговијата со луѓе продолжува да биде сексуалната експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација.

„За изминатите 11 месеци до ОЈО за организиран криминал и корупција поднесени се три кривични пријави, при што се пријавени четворица сторители, од кои едно лице е од женски пол“, информира Јанкулоска.

Таа истакна дека од стана на институциите се идентификувани осум жртви на трговија со луѓе, од кои пет се во скопскиот, една во пелагонискиот регион, а две малолетни државјанки се експлоатирани во Словенија и во Италија. Од нив, шест се малолетни и две полнолетни лица, седум од нив се жени, а едно лице е од машки пол.

Во моментот, рече министерката за внатрешни работи, во Центарот за жртви на трговија со луѓе сместени се шест жртви, кои имаат добиено првична помош и заштита.

Министерството за труд и социјална политика согласно меѓународните и европски стандарди, потенцира министерот Спасов, континуирано ја наградува законската и институционалната рамка за превенција и заштита на жртвите на трговија со луѓе, особено на децата и нивна ресоцијализација и реинтеграција. Тој посочи дека се изготвени индикатори за идентификација на жртвите на трговија со луѓе, во кои се содржани и специфични индикатори за децата.

Посебно внимание, рече Спасов, посветуваме на проактивната улога на социјалните работници, пред се во идентификацијата на жртвите, преку мобилни тимови, со што се зголемува ефикасноста во идентификацијата, упатувањето и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.

„Податоците говорат дека децата се најпогодена ранлива група. Најзастапени видови тргодија со деца се трудовата и сексуалната експлоатација, како и присилните бракови, “наведе министерот за труд и социјална политика.

Токму затоа, истакна Спасов, МТСП ќе продолжи посветно да работи на градење на капацитетите на професионалците од центрите за социјална работа, подигање на јавната свест кај општата популација и организирање кампањи за намалување на ранливоста, особено на младите луѓе, како и на економско зајакнвуање на ранливите групи со олеснување на пристапот до пазарот на трудот.