Димитар Ѓоргиев прогласен за најдобар кикбоксер на Светскиот куп „Хрватска Опен 2014“

Најдобриот македонски кикбоксер, Димитар Ѓоргиев уште еднаш ги потврди сите свои нескриени квалитети, освојувајќи го престижниот светски куп „Хрватска Опен 2014“ кој викендов се одржа во Макарска.

Ѓоргиев стигна до златниот медал во дисциплината кик-лајт во категоријата до 79 килограми, убедливо најдобар, триумфирајќи во трите борби со огромна разлика. Нашиот кикбоксер најпрво во првите две рунди славеше против Хрватот Филип Хркач, потоа и против Џенан Алибабиќ од БиХ, за да во финалето слави против хрватскиот репрезентативец Младен Секирица.

„Секако дека сум задоволен од настапот во Хрватска, со оглед на тоа што бев прогласен за најдобар кикбоксер во кик лајт. Ова е мое трето прогласување за најдобар на аматерските првенства. Сето ова е награда за целокупниот минат труд, но и како резултат на поддршката која ја имам од господинот Ванчо Чифлиганец од Адора Инжинеринг, како и од господинот Гоце Боцевски од Тојота, кои и ми го овозможија настапот на овој турнир“, – изјави Димитар Ѓоргиев по пристигнувањето во Скопје.

Од останатите настапи на нашите кикбоксери македонската репрезентација се закити со уште четири медали, три сребрени и еден бронзен, во конкуренција на 180 натпреварувачи од 9 земји.

Сребрени медали освоија Ѓоше Ѓошев во категоријата до 50 килограми (лајт контакт), Божидар Јанков (- 60кг, лајт контакт) и Викторија Варадинова (-60кг, лајт контакт), додека со бронза се закити Јована Арсова (-55кг, лајт контакт). Кристијан Корпашев во категоријата до 55 килограми, поинт фајт, немаше среќа овој пат и остана без медал откако беше поразен во осминафиналето.