Континуиран пад на нелегалната трговија со пиротехника и пиротехнички средства

Како резултат на интензивните мерки и успешни акции што секоја година во овој период се спроведуваат на целото подрачје на СВР Охрид, бележиме континуиран пад на нелегалната трговија со пиротехника и пиротехнички средства.

Во текот на минатата 2013 година, полициските службеници во Охрид и Струга пронајдоа вкупно 11.212 петарди и други пиротехнички средства наменети за понатамошна продажба. Истите беа пронајдени при контроли на градскиот пазар во Струга поточно во и околу магацини и тезгите каде се чува и продава овошје. Околу 7000 различни пиротехнички средства, беа пронајдени и одземени во акцијата при крајот на минатата година во селото Лескоец. Оваа количина беше пронајдени при претрес во магацински простор од кафетерија во ова село. Најголемиот дел од пронајдените пиротехнички средства се петардите т.н. пиратки „Мирновец“ и „Крекери.

Во борбата против нелегалните препродавачи на пиротехнички средства, во 2012 година успешни акции беа изведени во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, при што беа пронајдени и одземени 28075 парчиња најразновидни петарди и низа други разновидни пиротехнички средства нелегално набавени и наменети за понатамошна продажба. Најголемиот дел од нелегално поседуваните пиротехнички средства биле сокриени во подрумски и други простории по домовите а помал дел во продавници за продажба на прехрамбени производи и во патни торби.

Во 2011 година, беа пронајдени и одземени околу 30000 нелегално набавени за продажба пиротехнички производи додека во 2010 година, само во Охрид и Струга беше пронајден арсенал од близу 70000 пиротехнички средства.

Во пресрет на новогодишните празници, секторот за внатрешни работи Охрид ќе врши интензивни и засилени контроли на физички и правни лица со цел пронаоѓање пиротехнички производи, кои во Република Македонија, и покрај забраната за нивна употреба, неовластено се продаваат во продавници, пазари и на други јавни места.