Кривични пријави за осумина службеници на ЈП „Македонски Шуми“, за две физички и едно правно лице

Секторот за внатрешни работи Велес за два одвоени случаи до надлежните обвинителства поднесе три кривични пријави против 11 лица (од кои едно правно лице), поради основи за сомнение дека сториле кривични дела поврзани со несовесно работење, кражби и други дела во врска со набавка и превоз на огревни дрва.

Имено, во првиот случај Одделението за криминалистичка полиција во Велес поднесе кривични пријави против лицата Н.М. (25) , С.М. (22) двајцата од село Долно Јаболчиште и против Друштво за транспорт, трговија и услуги „Шпенди Компани “увоз извоз ДООЕЛ село Долно Јаболчиште, поради основи на сомнение за сторени четири кривични дела, односно “даночно затајување“ “злоупотреба на службена положба и овластување“, “фалсификување службена исправа“ и “кражба на дрва“. Пријавените делата ги сториле во текот на 2014 година, на тој начин што како одговорни лица, во службената евиденција што ја водат – испратници задолжени од Државниот инспекторат за шумарство и водостопанство, на првиот примерок кој е за странката ја впишувале стварната количина на дрва за огрев која ја продаваат, додека на останатите примероци кои се наменети за книговодството наведувале количини од 1 до 2 м3 со што во службената исправа внесувале невистинити податоци, а се со намера да одбегнат плаќање на данок и други придонеси за кои се обврзани со закон како и да ја прикријат сторената кражба на дрва. Со наведеното пријавените се стекнале со противправна имотна корист во износ од 1.138.082 денари односно затаиле данок во износ од 173.557 денари.

Во вториот случај НК за криминалистичка полиција во Кавадарци поднесе кривични пријави против лицата Н.Л. (52) , П.М. (54) и Ж.О. (56) сите тројца вработени ЈП Македонски Шуми подружница „Бор“ ШСЕ „Клиново 2“ , заради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело – “несовесно работење во службата“ . Во текот на минатата година, во својство на службени лица во јавното претпријатие, со пропуштање на должен надзор или несовесно постапување во вршењето на своите овластувања и должности, предизвикале финансиски кусок во работењето на ШСЕ Клиново 2 во износ од 168.900 денари .

Исто така кривично пријавени се лицата С.Б. (55) , Р.Л. (35) , П.Д. (30), Т.Н. (46) и Т.И. (56) сите од Кавадарци, вработени во ЈП Македонски Шуми подружница „Бор“ Кавадарци „ШСЕ Кожув 2“ , заради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело “несовесно работење во службата“. Во текот на ланската година, пријавените во својство на службени лица во јавното претпријатие , со пропуштање на должен надзор или несовесно постапување во вршењето на своите овластувања и должности, предизвикале финансиски кусок во работењето на „ШСЕ Кожув 2“ во износ од 265.863 денари.