Во буџетот за 2015 година обезбедени се 31.488.000 денари за сите категории од Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој беше донесен во 2013 година, и согласно со конкурсите што ги објавува Македонската радио-телевзија во април, јуни, септември и декември.
„Оваа година беше прва во која се спроведоа конкурсите согласно со законот и во однос на првиот, вториот и третиот конкурс беа избрани 106 композиции во сите категории кои се наведени во него. Во моментов се спроведува последниот конкурс, во декември, и со него ќе се затворат сите огласи од годинава. За следната година се обезбедени средства“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворената владина седница.
Премиерот Никола Груевски забележа дека на првите конкурси за поддршка на забавна и народна музика средствата не биле доволно искористени. Во три конкурси се избрани 106 песни, а за цела година (во вкупно четири конкурси) според законот може да се изберат 200 песни.
„Имаше можности за повеќе, меѓутоа според оценката на стручните комисии квалитетот на доставените народни и забавни песни беше слаб“, рече Груевски.
Канческа-Милевска потврди дека пресуден за изборот е квалитетот, за што одлучуваат стотина стручни лица избрани по лотариски принцип непосредно пред изборот.