Писмо: Квази-новинарски предизвици на охридскиот медиумски простор

Се понагласени се размислувањата на Охриѓани дека медиумскиот простор во некои од охридските интернет портали станува место за своевиден начин на изнудување, изразување на лични фрустрации и негодувања заради не исполнување на персонални барања и желби на одредена група на квази-новинари, квази- аналитичари, квази- колумнисти или квази-експерти.

Имено се работи за појава при што истите, своите “видувања” ги истакнуваат на блогови или портали кои немаат импресум, нити уредничка структура, нити потписи на “новинари” под текстовите кои ги пишуваат, а неретко истите личности се јавуваат и како пишувачи на коментари се разбира под различни псевдоними или скриени имиња.

Содржината на текстовите им е најчесто со несредена структура, сиромашни или се без фактографија, без ни малку издржана анализа на проблематиката која се изнесува, со многу измислени и извртени тези, дефокусиран тек на темата за која се пишува, со многу примеси на лични навреди често зачинети со доза на гнев и фрустрираност. И на крај се разбира, сето тоа под плаштот за наводна загриженост за состојбите во градот, за “доброто” на граѓаните и институциите во него.

Авторите на ваквите текстови се анонимни или воопшто ги нема, за да истите потоа се јават и во рубриките за коментари со лажно преставување како загрижени граѓани.

Во градот веќе се по отворено се зборува за тоа кои се луѓето кои стојат зад ваквите појави и дури се познати и причините заради што истите тоа го прават.

Охрид е сепак многу мал град за да некои работи долго останат прикриени или не разјаснети.

Веќе не е тајна дека се работи за тројца членови на владејачката партија во Охрид поранешни преставници на локалните партиски структури (незадоволни од својот статус во партијата и потикнати од своите нереализирани замисли и желби), еден претседател на мала опозициона партија, и двајца т.н. “новинари“ без завршено соодветно образование едниот како дописник за еден портал а другиот основач на друг портал. За последните двајца е интересно дека постојано се кординираат околу темите за кои ќе се пишува и кој се ќе биде вклучен од листата на погоре набројаните, па дури за добро да се прикријат во ист ден пишуваат за една тема во “ нивниот “ портал, а сосем спротивна ( плукачка) содржина во другиот портал. Се зборува дури и за тоа дека со едниот од нив во игрите понекогаш “кокетира “ и еден актуелен пратеник во македонскиот парламент.

Најчест користен простор за реализација на нивните замисли се два охридски локални портали (блогови) со префикс “ohrid…”, од кои едниот е поодамна присутен во медиумскиот простор во Охрид, без било каква изградена стрaтегија за уредувачка политика најесто “опседнат “ со теми за градоначалникот и локалната ( 90%), претседателот на владејачката партија во Охрид (сега поретко), еден од пратениците на владејачката партија и преставници на локалната. Другиот портал нешто поумерен и со нешто посредена содржина (ако може да се каже такво нешто), во кој простор најчесто наоѓаат двајцата погоре споменати “ новинари“ претходно координирани во едно од охридските кафулиња, како и претседателот на малата опозициона партија, а да е “лакрдијата” уште поголема се зборува дека тука нарачува текстови и пратеникот.

Ако лично имате желба да си го докажете ова самите на себе пробајте напишете коментари кои се навредливи за некое од гореопишаните имиња. Нема шанса да објават. Тоа е најдобриот доказ дека тие стојат зад фантомските медиуми. Дополнително коментариите кои не им одговараат политички или не ги објавуваат или ги кратат со цел да ја изгубат смислата.

За среќа, и двата портали (блогови) се со мала посетеност од страна на читателите, од проста причина што ваквите нивни тенденции се мошне лесно уочливи и добро препознатливи за мнозинството охриѓани.

Меѓутоа она што можеби треба да загрижува е што ваквата пракса на групата, влијае на угледот и реномето на останатиот дел од охридската новинарска заедница, која за волја на вистината на нај професионален начин, чесно и макотрпно си го одработува својот ангажман во охридскиот медиумски еснаф, борејќи се за принципите на благовремено, вистинито, аналитично, сеопфатно, коректно и избалансирано информирање на охридската јавност.

Едно е јасно дека одсекогаш низ историјата на човештвото ваквото однесување било одлика на маргиналци, нереализирани и фрустрирани личности кои се исполнети со негативна енергија и гнев, кои како кукавици се кријат во „дупки„ од каде попусто се трудат да го „отрујат„ ова општество.

Сепак уште еднаш напоменуваме дека добра околност е што охриѓани навреме ги препознаа и изолираа членовите на оваа група и нивните гневни интенции, а нивните имиња не се веќе табу тема во охридската чаршија.

Христијан Илиевски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.