Дванаесет ловишта ќе се даваат под концесија

Со цел обезбедување на одгледување, заштита и користење на дивечот во ловните региони, но и заради давање сериозни можности за остварување на бизнис за стопанските субјекти и нивно функционирање во профитабилна дејност, и за обезбедување на нови работни места и вработување на граѓаните, Владата преку Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство распиша јавен повик за доделување под концесија на дивечот во 12 ловишта кои се лоцирани во 5 ловни региони во Република Македонија. Од овие 12 ловишта, 3 се ловишта со ситен дивеч, чиј период на концесија изнесува 10 години, а 9 се ловишта со крупен дивеч чиј период на концесија изнесува 20 години.

Се работи за концесии на 12 ловишта во земјата, од кои по едно ловиште во реонот на Македонски Брод, Прилеп и Струга, 4 во Кочани, и 5 во Делчево.

-Требовље(20 години), реон Македонски Брод;

-Стровија(20), реон Прилеп;

-Велешта(10), реон Струга;

-Влаина(20), Голак(20), Бигла(20), Вратиславци(10), Киселица(10), реон Делчево;

-Полаки(20), Главовица(20), Бања(20), Подлог(20), реон Кочани.

На овој јавен повик право за учество имаат сите домашни правни лица и сите странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно Законот за трговските друштва, кои ги исполнуваат условите од повикот и ќе подигнат тендерска документација и ќе поднесат понуда.

Рокот за поднесување на понудите е до 20 јануари 2015 година, кога ќе следува и нивното јавно отворање. Во тендерската документација се содржани податоци за ловиштата, времетраење на концесијата (10 или 20 години), површина на ловиштата, десетгодишниот износ на концесиски надоместок утврден со ловностопанската основа за секое ловиште посебно кој е и минимален концесиски надоместок и останати услови и критериуми од значење за процесот и кои треба да се исполнат.

Минималниот концесиски надоместок наведен во тендерската документација, не е финалната сума која би ја плаќал концесионерот, тоа е само сума која служи како ориентир за субјектите кои конкурираат на јавниот повик за да ја формулираат нивната сума на концесиски надоместок која ќе ја понудат во јавниот повик и која сума задолжително треба да е повисока од сумата на минималниот концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација.

Јавното отворање на понудите ќе биде на 20 јануари 2015 година. Оние субјекти кои ги исполнуваат општите услови и кои во своите понуди истакнале сума на концесиски надоместок која е повисока од сумата на минимален концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација, се стекнуваат со правото и можноста да учествуваат на електронската аукција која е финална фаза во одлучувањето кој субјект ќе се стекне со правото на концесија на односно ловиште. Притоа, она што е особено битно е дека почетната сума на електронската аукција ќе претставува највисоката сума на концесиски надоместок која еден од понудувачите ја истакнал во неговата апликација која ја поднел на јавниот повик.

„Кога би го претставиле ова низ пример би изгледало вака:

Државата во тендерската документација, врз основа на ловно стопанска основа предвидува сума на минимален концесиски надоместок од 100 единици. Понудувачите на јавниот повик треба да поднесат нивна понудена сума за концесиски надоместок која е над оваа сума од 100 единици. Хипотетички доколку на повикот се пријават пет субјекти, од кои два понудиле сума од 105 единици, еден од 108 единици, еден од 110 единици, а еден од 115 единици, тогаш сите овие понудувачи имаат можност да учествуваат на електронската аукција на која што почетната сума за наддавање ќе изнесува 115 единици.

Понудувачите кои на јавниот повик ги исполниле условите за учество на електронската аукција, добиваат известување за денот и времето на одржувањето на електронската аукција и број за влез и пристап во системот на електронска аукција за да може да се надаваат. Надавањето се врши со чекори на надавање, кој чекор ќе биде утврден во поканата за учество на аукцијата. Оној понудувач кој предложил највисока сума на концесиски надоместок се здобива со можноста да склучи договор за концесија и да стопанисува со ловиштето, а за склучувањето на договорот тој треба да поднесе доказ за материјално технички услови (број на вработени, опрема, оружје и останати ставки согласно закон) во период од 60 дена, по што и конкретно се склучува договорот. Доколку ги поднесе овие податоци и во пократок рок, тогаш и договорот би се склучил побргу.“-рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Концесискиот надоместок кој концесионерот го понудил на електронската аукција и склучил договор за концесија на ловиштето, за малите ловишта кај кои периодот на концесија изнесува 10 години, го плаќа на 10 еднакви годишни рати, а за поголемите ловишта кај кои периодот на концесија изнесува 20 години го плаќа на 20 еднакви годишни рати, при што ратата за секоја година тој е должен да ја уплати до 30 јуни во тековната година.

„Апелираме до сите субјекти да ја искористат оваа можност. Таа се карактеризира со полна транспарентност на целокупниот процес чија што финална гаранција е електронската аукција која се одвива за конечен избор. Стопанисувањето со ловиштата би значело нови можности за бизнис заедницата, бидејќи е доходовно и може покрај основната дејност да се надополнува и со профит од дополнителната дејност во врска со ловниот туризам. Сите субјекти кои имаат интерес за стопанисување во оваа сфера имаат можност уште отсега да се подготвуваат и да создаваат конкурентна предност која е потребна за потенцијално да се стекнат со правото на стопанисување на ловиштата.“-додаде Ѓорѓиев.

Во моментов во Република Македонија од постоечките 250 ловишта, под концесија се стопанисуваат 210 ловишта.