ЕНЕР надграден со нов дизајн и современи модули

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, на прес-конференција денеска ги презентираше новините и надградбата на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи, односно веб порталот ЕНЕР.

Според него, измените и надградбата се направени со цел на засегнатите страни да им се даде корисна и практична алатка за нивно континуирано учество во процесите на донесувањето на регулативата.

„Покрај новиот дизајн ЕНЕР-от нуди и нови современи и практични модули, меѓу кои : едноставна регистрација и упатства за користење, нова систематизација на прописите, согласно категоризацијата која се користи од Службениот весник на Република Македонија, системско конфигуриран период на автоматска објава на коментар, со што ќе се овозможи поголема ажурност на навремено објавување на коментари, потоа поставување на бројчаник со јасно прикажување на денот и часот на завршување на процесот на консултација, што ќе овозможи поголема сигурност кај јавните корисници во кој временски период ќе може да ги испратат своите коментари, како и воведување нови линкови.“- рече министерот Ивановски.

ЕНЕР е воведен во 2009 година, а во 2012 година, се спроведе неговата прва надградба. Сите овие активности се плод на успешна повеќегодишна соработка помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот имплементиран во Република Македонија.

„Апелирам до сите институции, до сите физички и правни лица, да го користат Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи и сите заинтересирани страни да се вклучат во процесите. Со тоа ќе поттикнеме дискусии, предлози и содржини, кои квалитативно можат да влијаат врз донесувањето на законските решенија.“– додаде Ивановски.