Градоначалникот Бакрачески ја најави инвестицијата на „Костал“ во Охрид

Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески денес на прес-конференција ја најави инвестицијата  на „Костал“ во Охрид.

„Имам чест да ја известам јавноста за една од најдобрите вести во 2014 година, а тоа е дека германскиот индустриски гигант „Костал“, даде официјална и дефинитивна потврда на одлуката да инвестира со свој производствен капацитет во Охрид.

Ова е уште една потврда на нашите приоритетни определби и силни напори и како Влада на Р. Македонија и како Локална самоуправа да чекориме кон патот кој го трасиравме од самото добивање на мандатот од граѓаните, пат кон стопанско заживување на Охрид, пат кон подигање на локалната економија и креирање на нови работни места за локалното население и следствено на тоа пат кон сигурно подигање на стандардот на живеење во Охрид.

И успеваме. По “ОДВ Електрик“, онака како што ветивме и ве известувавме изминатите месеци и германски „Костал“ конечно доаѓа во Охрид.

Компанијата „Костал“ е водечки извозник на технолошко – напредни производи од делот на електрониката, електромеханиката и мехатрониката за автомобилската и други сродни индустрии. Групацијата располага со 38 капацитети во 17 земји на 4 континенти, и глобално вработува дури 15 илјади луѓе.

Инвестицискиот план на “Костал“ за Охрид, се поклопува со нашата локална стратегија за економски раст и развој на градот. Во фабриката на “Костал“ во наредните 2-3 години етапно, се очекува да бидат работно ангажирани над 1.000 работници и стручен кадар од разни профили. Но индиректно, оваа инвестиција преку создавање на мрежа од локални компании – кооперанти и фирми добавувачи отвора сериозна можност , бројот на вработувања да биде многу поголем бидејќи намерата на компанијата е да ги искористи сите сродни локални капацитети и вештини за да ги задоволи потребите за успех. Во почетокот на 2015-та година почнува како браунфилд инвестиција во некој од веќе постоечките објекти во Охрид, за да после период од две години се трансформира во целосна гринфилд инвестиција во ТИРЗ Охрид- Струга.

И двете инвестиции во областа на автомобилската индустрија, “ОДВ- Електрик“ кој веќе неколку месеци функционира во Охрид и сега “Костал“, повеќе од очигледно ветуваат сериозно стопанско воздигнување на Охрид, после долгиот 23 годишен период на дезинтеграција на стопанско -индустрискиот систем на градот, во кој со ретки исклучоци на рестартирање, беа затворени буквално сите производствени и стопански капацитети на градот а илјадници граѓани останаа без работа и можност за егзистенција.

Денес, зборуваме за инвестиции на два силни гиганти од Германија кои ќе отворат над две илјади нови работни места во охридско- струшкиот регион. Овие инвестиции се најдобра потврда за грижата и посветеноста на Локалната самоуправа кон нашите приоритети да го заживееме градот, потврда за сериозната економска политика што општина Охрид ја води ,со подготовките кои ги правевме скоро 2 години наназад, со создавање на предуслови за влез на инвеститори а преку процес на силно и упорно лобирање во Владата на Република Македонија и лично кај Премиерот, овие инвестиции да се реализираат токму овде во Охрид.

И тоа не е се, вработувањата во Охрид веројатно ќе бележат нагорна линија земајќи ја во предвид моменталната заинтересираноста на уште една до две компании од областа на производство на трансформатори и далноводи, кои пројавуваат силен интерес за рестартирање на делови од охридски ЕМО.

Реализацијата на проектот за изградба на индустриска развојна зона во “Мауцхер“ за која интерес пројавија неколку локални успешни компании кои сакаат да го прошират својот бизнис и своето производство, е факт кој треба сите да не радува и буди надеж дека Охрид сепак ќе биде место кое отвора широки можности за егзистенција на населението и запирање на трендот на иселување од градот.

Борбата за стопанско заживување и отворање на нови работни места во Охрид е непрекината и продолжува понатака. Напорите кои ги правиме да обезбедиме поволности и створиме предуслови за развој на бизниси се подеднакво насочени како кон странските така и кон домашните стопанственици. Ние тука не правиме разлики.

Во тој контекст надлежните од општина Охрид постојано посетуваат и се во комуникација со локални охридски компании со цел на најнепосреден начин да се запознаеме со процесот на работа и состојбите на нивните капацитети, и да им дадеме можност нивните менаџерските тимови на лице место да ги презентираат нивните идни бизнис планови како и потребите кои што локалната самоуправа во рамките на своите надлежности и ингеренции може да им ги пружи. Од друга страна ние како Локална самоуправа со презентација на условите и погодностите кои сме спремни да им ги обезбедиме од наша страна ја истакнуваме нашата силна определба да ги подржиме нивните развојни планови.

Ваквиот начин на континуираното лобирање и постојана координација и комуникација со Владата на РМ со нејзините економски промотори и економски ресори ќе продолжат со несмален интензитет и во иднина и полека но сигурно ќе го водат Охрид кон единствениот исправен пат на неговото економско издигнување.

Јас сум цврсто убеден во своите капацитети и во капацитетите на својот тим да ги исполниме и реализираме сите оние ветувања кои со програмата на локалните избори им ги дадовме на граѓаните на Охрид.Тука немам сомнеж и ги уверувам граѓаните на Охрид дека ќе биде така. Но, она што мене лично ме прави среќен е среќата на моите граѓани, на граѓаните на Охрид изразена преку обезбедување на нивната егзистенција со реализација на постојани вработувања“- изјави денеска на прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески.