Груевски: „Костал“ и ОДВ Електрик ќе значат препород за охридско-струшкиот регион

Компанијата „Костал“ јавно објави дека ќе инвестира во Македонија. Ќе вработи илјада лица во првите три години, но ќе има и голем број индиректни вработувања. Заедно од ОДВ Електрик, кои исто така планираат да вработат илјада лица, ќе придонесат за препород на охридско-струшкиот регион, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

„Денеска веќе можеме да го соопштиме нивното име затоа што компанијата одлучи јавно да објави на нивната веб – страна дека донеле одлука да инвестираат во Македонија. Тие планираат договорот да се потпише некаде во јануари-февруари, за месец до два, а веќе да почнат да регрутираат вработени во првата половина на следната година. Се надеваме април, мај, јуни најдоцна,“ посочи премиерот по средбата со коалициските партнери.

Појасни дека најпрво компанијата „Костал“ ќе користи постоечки објект и оти потоа ќе градат свој објект во охридско-струшкиот регион.

„Тоа ќе биде браунфилд односно ќе почен да работи во некој постоечки објект кој не се користи и веднаш потоа ќе почнат да градат нова фабрика во охридско-струшкиот регион, најверојатно во технолошко индустриската зона во регионот Охрид-Струга. Ќе има 1.000 директни вработувања во првите три години, како и голем број исто така индиректни вработувања“, рече Груевски.

Германските „Костал“ и ОДВ Електрик, којшто исто така планираат над 1.000 вработувања, вели премиерот, ќе бидат значаен препород за овој регион.

„Над 2.000 луѓе ќе добијат директно вработување, а голем број ќе имаат индиректни затоа што овие фабрики ќе имаат потреба од соработка со локалните фирми, на разни начини, по разни потреби. Сите тие ќе добијат дополнителна работа и ќе можат да остварат и дополнителни работни места“, истакна Груевски.

Претседателот на Владата потсети дека за оваа инвестиција информирал уште март оваа година на митингот во Струга, но неформално бидејќи компанијата се уште не го објавила тоа.