Пратеникот Александар Николоски постави писмено пратеничко прашање по однос на динамиката на изградба на автопатот Кичево- Охрид при што доби одговор дека работите отпочнаа оваа година, а рокот е 2018 година, на истиот интензивно се работи, пробиени се 25 проценти од трасата, формирани се косини и усеци на првите три делници од вкуоно пет, а отпочнати се и подготвителни работи за пробивање на тунелот кој ќе биде во должина од 2 километри.
Во своето обраќање по повод одговорот на пратеничкото прашање пратеникот Николоски изрази задоволство што во периодот од еден месец помеѓу двете седници за пратенички прашања се потврди голема странска инвестиција во Охридско- струшкиот регион на германската „Костел“ која беше потврдена и од Претседателот на Владата Груевски, а истата треба да овозможи 1000 нови работни места во период од 3 години. Исто така го истакна фактот дека интензивно се работи на изнаоѓање на начин за изградба на автопатот и од Кичево до Гостивар, со што целосно би се изградил автопатот „Мајка Тереза“ и Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца би се поврзале целосно автопатски со Скопје и прeку коридор 8 со Албанија и Бугарија, а преку коридор 10 со Србија и остатоткот од Балканот што позитивно ќе влијае на економската активност во целиот југозападен регион, како и потик на туризмот. Пратеникот Николоски при тоа постави прашање до министерот за транспорт и врски во кое побара попрецизни информации околу изнаоѓањето можности за изградба на автопатот и од Кичево до Гостивар.
Во одговор на ова дополнително прашање министерот за транспорт и врски Јанакиески истакна дека во финална фаза е изготвувањето на документацијата за изградба на автопатот како и за повикот за изнаоѓање концесионер. Во февруари или март 2015 година ќе биде објавен повик за изнаоѓање концесионер за изградба на автопатот кој би имал обврска да го изгради автопатот Кичево – Гостивар, а би го добил под концесија целиот автопат од Охрид до Скопје. Доколку се пријави компанија која е заинтересирана за изградба на автопатот се очекува во текот на 2015 год. да се потпише договорот и отпочне работата за изградба на автопатот Кичево- Охрид.