Мотивите на професорите да ги поддржат студентите се законските измени со кои се предвидува обврска за нив да објавуваат научни трудови во светски реномирани списанија. Со трудовите треба да покажат дека се конкурентни на европско и светско ниво, а тоа е пракса и во Словенија и многу европски земји, вели премиерот Никола Груевски.
„Поголемиот мотив за поддршката го гледам во тоа што во истиот овој закон каде што се измените за државен испит има и едни други измени коишто професорите кои се дел од Пленумот не го спомнуваат, но јас сум убеден дека тоа е поголемиот мотив заради кој ги мотивираат студентите да протестираат. Не го споменуваат затоа што не им одговара и затоа што ќе излезе на виделина една ситуација која не е баш најповолна за нив, а тоа е дека со новите измени се предвидува од 2018 година секој професор во петгодишен период да мора да има издадено најмалку два труда во списание со импакт-фактор, но не во кои било списанија туку светски реномирани, а до сега беше во кои било списанија,“ рече Груевски, одговорјаќи на ноавинарски прашања по промоцијата на 50 нови наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.
Тој додаде дека професорите имаат објавено мноштво трудови во списанија од Врање, Крагуевац, Битола и слично, кои не се релевантни. Од 2018 согласно измените на законот каде што е и државниот испит, ќе мора професорите кои ги има околу 6.000, барем два труда во пет години да издадат во списанија коишто се реномирани во светот и се дел од веб-оф-сајанс.
„Во тие списанија ние проверивме минатата година, имаме се на се 300 труда, додека за последните пет години има 4.000 труда. Направивме компарација со земја која е слична по големина и број на жители, а тоа е Словенија. Во Словенија во последните пет години има 50.000 труда што е повеќе од 12 пати отколку во Македонија. За еден таков труд треба повеќе работа, повеќе напор, повеќе научни истражувања и посветеност на професорот на научната работа и тоа е главниот проблем. Тој заб ги боли дел од професорите, не сите,“ вели премиерот.
Според него, тие не сакаат тоа да го кажат и да не излезе дека протестираат за да не работат научни трудови, туку ги хушкаат студентите да протестираат за нешто што за нив и не е важно бидејќи нив не ги засега државниот испит.
„Тие се определиле за професори. Штом се определил за професор треба да си конкурентен на европско и светско ниво и да го прават она што го прават најмалку професорите од Словенија. Да не зборуваме за Австрија, Германија итн. Тука е клучот и мислам дека тука е 80 проценти од гневот на дел од професорите зошто и тие почнаа да излегуваат и зошто со сите сили ги туркаат студентите да излезат и да протестираат. За вчерашниот ден знам дека на неколку факултети со сила биле мотивирани да излезат. Ете тоа е главниот штос што од 2018 ќе мора малку повеќе ангажман да направат ако сакаат да останат ментори и ако сакаат да бидат релевантни професори“, изјави Груевски.