Фатен дилер со над пет килограми марихуана сокриена во гепек

Денес околу 01,45 часот на наплатната станица Гостивар, од страна на полициски службеници било сопрено ПМВ “Голф” со скопски регистарски ознаки управувано од Р.С. (22) од с.Инџиково, скопско, кое се движело во правец кон Тетово. При преглед на возилото, во багажникот, во просторот наменет за резервна гума,биле пронајдени една вреќа во која се наоѓаале три поголеми пакувања со непозната тревкаста материја како и една торба во која се наоѓале две поголеми пакувања со непозната тревкаста материја најверојатно наркотична дрога “марихуана” со вкупна тежина од над пет килограми.

Поради сомение дека се работи за кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” лицето е лишено од слобода. Извршен е увид на местото на настанот и по целосно документирање и расчистување на случајот против Р.С. ќе биде поднесена соодветна пријава. Оваа акција беше спроведена во рамки на оперативната акција “Мрежа“ во којашто досега кривично се пријавени околу 160 лица, а запленетата дрога ја надмина бројката од 520 килограми разни видови дроги.