Прооден магистралниот пат Охрид-Кичево, но со задолжителна употреба на зимска опрема

Од утрово во 04 часот, прооден е магистралниот пат Охрид-Кичево и дозволен е сообраќај за патнички моторни возила и мини автобуси, но со задолжителна употреба на зимска опрема. На овој патен правец забранет е сообраќајот за тешки товарни моторни возила.

СВР Охрид, со повеќе тимови на полициски службеници и вчера вршеше обезбедување на овој патен правец, посебно на потегот од Ботун до Арбиново каде беа завеани 12 патнички и 7 товарни моторни возила. Денес привршува подигањето на овие возила со специјални товарни возила.

Во текот на вчерашниот ден, со полициски возила беа пренесени повеќе жители на селата од Дебарца кои поради обврски пеш се движеа по магистралниот пат кон Охрид.

СВР Охрид продолжува да биде присутна на патниот правец и да биде во служба на возачите и граѓаните.